Press "Enter" to skip to content

КИЦ Битола домаќин на четвртиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

Четврти Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска, утре и задутре (21-23 ноември) се одржува во Културно-информативен центар Битола. Темата на форумот е „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“.

За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса, Лоѓ, Потсдам, Ваљадолид, Гдиња, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во аудиовизуелните медиуми како Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонската радио телевизија, телевизија „Телма“ и други. Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и  е еден од 21 град кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.

Тридневната програма предвидува повеќе презентации и дискусии, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови филмови од градовите-членки на мрежата за филм на УНЕСКО, неформални средби и посета на историски споменици. Презентациите и дискусиите ќе се одржуваат во Офицерски дом Битола (втор кат), а филмските проекции во киното „Манаки“. Форумот почнува вечерва со проекција на два кратки германски филмови –  „Бушави приказни“ и „Натерај ја да игра“, обезбедени од Потсдам и документарниот филм „Пенси и Ајви“ од Јужна Кореја продуциран во 2020 година, а обезбеден од страна на Бусан, двата дел од филмските градови во мрежата на УНЕСКО. Филмот е наградуван на многу фестивали вклучително и Филмскиот фестивал во Јамагата, Јапонија, уште еден град од филмскиот кластер на УНЕСКО. 

Програмата продолжува утре сабајле од 10 часот со воведни зборови и претставување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија), Соња Бахус од Лоѓ (Полска), Лиса Навроцки од Потсдам (Германија), Гијом Русо (Ваљадолид), Кинга Плихт и Лукаш Цичовски од Гдиња (Полска), Билјана Генова, Дијана Андреева и Ралица Асенова од Софија (Бугарија). Презентации ќе одржат и повеќе домашни претставници од аудиовизуелната дејност и тоа Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Даниела Станковска Плачковска од Агенција за филм на РСМ, Снежана Лупевска Созен, уредник на телевизија „Телма“, Марија Џиџева, режисерка, Смилка Јаневска-Саркањац од Програмскиот совет при Македонската радио телевизија, Мими Ѓоргоска-Илиевска од Управата за заштита на културното наследство, Елена Бојаџиева-Цветковска од Асоцијацијата на креативни индустрии при Стопанската комора на РСМ, Саша Станишиќ, режисер и дистрибутер. Од 13:30 часот ќе се одржи панел дискусија на тема „Состојбите и предизвиците на жените во аудиовизуелните медиуми“. Програмата продолжува со проекции на филмови од градовите-членки на мрежата на УНЕСКО.

На последниот ден на форумот ќе се одржи дискусија за соработка и проекти меѓу градовите на УНЕСКО, како и состаноци за можни точки на контакт и координација помеѓу Креативните градови на УНЕСКО и проекција на филмови. Учесниците ќе имаат можност да посетат локалитети и да се запознаат со историјата како и со локални претставници кои работат во областа на културата и филмот.

Форумот го организира Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ Битола во насока на подобрување на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми и поттинување на соработката помеѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, размена на искуства и добри практики и заедничко делување за прашања од суштинско значење во филмската индустрија. Настанот  еподдржан од УНЕСКО преку Министерството за култура во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »