Press "Enter" to skip to content

Делегација на Општина Битола престојуваше во збратимениот град Епинал, Франција (фото)

Текст и фото: Тони Гламчевски

По повод прославата на заштитникот на францускиот град Епинал, Свети Никола, делегација на Општина Битола, предводена од претседеталката на Советот, Габриела Илиевска, престојуваше во збратимениот град.  Дел од делегацијата беа и Борче Корлевски, советник во Советот на општина Битола, Горан Степановски – директор на општинското претпријатие за паркинзи и Венцо Шишкин, раководител на одделението за економски развој во општина Битола.

За време на посетата, беше договорена соработка, особено во преносот на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност, енергетската транзиција и други прашања поврзани со комуналната сфера.Битола и Епинал разговараа и за идната соработка, за која се надеваат ќе започне со проектот за културно наследство, фестивали и туризам за одржлив развој, а чија цел е да изгради мостови на соработка меѓу градовите Битола во Македонија, Ниш во Србија и Епинал во Франција.-Овој проект, за кој искрено се надеваме дека заеднички ќе аплицираме во наредниот период, ќе овозможи јакнење на општинските служби и мобилизација на ресурсите на културно наследство , фестивалските настани, за надградба на политиката на одржлив развој за секоја заедница. Студиските посети, размена на мислења, заедничките работилници, ќе овозможат зајакнување на контактите и соработката помеѓу општинските чинители, особено од областа на културното наследство и фестивалски настани, како и учесниците во секторот туризам од сите три страни. Бенефитот од овие активности, секако уште повеќе ќе ја зголеми и заинтересираноста кај младите, каде во изминатиот период, преку образовниот процес, бележиме повеќе размени на ученици, особено во средното образование, а веќе има интерес и од повеќе основни училишта во Битола , како во делот на размена со училиштата во Епинал, така и во градењето нови партнерства за заедничко учество преку програмата „Еразмус“ и други проекти, поддржани од меѓународни фондови, рече Габриела Илиевска претседателката на Советот на Општина Битола.Од особена важност е што ваквата соработка е поддржана и поттикната од градоначалниците на Битола и Епинал, Тони Коњановски и Патрик Нардан, кои ги користат сите можности за развој на нови иницијативи и имплементација на одржливи решенија во повеќе специфични области, во кои локалната самоуправа треба да даде посебен придонес.Тоа беше и дел од темите на кои разговараа и за време на одржаната видеоконференција во месец јули оваа година. Во овој контекст, посебно вреднувајќи ги достигнувањата на Епинал, Битола побара пренос на искуства и добри практики во делот на подобрувањето на урбаната мобилност и прашањата поврзани со комуналната сфера, како енергетската транзиција.

Битола и Епинал веќе 54 години како што воспоставија соработка, преку збратимувањето во 1968 година. Соработката е дотолку полесна, со оглед на тоа што Битола е град во кој се промовира француската и франкофонските култури, со голема поддршка и континуирана активност на почесниот конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, како и Француската алијанса, при што се реализирани повеќе заеднички активности и успешни проекти во сите области.

More from ВестиMore posts in Вести »