Press "Enter" to skip to content

УКЛО Битола со свечена седница на Сенатот и Ректорската управа го одбележа патрониот празник (фотогалерија)

По повод Патрониот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, денес во свечената сала на Офицерски дом во Битола се одржа свечена седница на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа.На свеченоста, од името на Универзитетот, поздравна реч одржа ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски со потсетување кон делото на Патронот, минатото и успесите на Универзитетот, и воедно, ги нагласи актуелните проблеми, особено кадровскиот дефицит и се осврна кон проектите кои се планираат во иднина.Во идните планови за унапредување на севкупните состојби на УКЛО, Неделковски го вклучува искуството на поранешни ректори на Универзитетот преку новоформираниот Совет на ректори, советодавно тело коешто ќе разгледува значајни прашања од дејноста на УКЛО. Обраќање пред присутните имаше и новоизбраниот студентски лидер на УКЛО, Душан Стевановски кој нагласи дека заедно со сите членови на УСС и факултетските студентски собранија, ќе продолжат и ќе придонесуваат за подобрување на студентскиот стандард и будно ќе ги следат интересите на студентите.Од име на најдобрите студенти говореше Сибела Мамудоска којашто меѓудругото рече:-Од мое и од име на најдобродипломираните би сакала да изразам огромна благодарност на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола што го вреднува и почитува трудот на најдобрите. За крај, ветуваме, дека денешното јавно вреднување на нашите постигнувања ќе биде мотивација плус и поттик да продолжиме со уште поголеми напори и успеси, бидејќи достигнувањата никогаш не можат да бидат толку големи, за да не можат да се надминат со уште поголеми достигнувања.Инаку, одбележувањето на Патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола, во пријатна атмосфера, со присуство на студенти, Универзитетскиот сенат предводен од претседателот, проф. д-р Николче Јанкуловски, деканите и директорите на единиците на УКЛО, академски кадри и претставници од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои и градоначалникот  на Битола, Тони Коњановски, а посебен белег на настанот му даде уметничката програма.Претходно, во чест на Патронот, повеќе делегации од единиците на УКЛО, раководството и студентите положија букети цвеќиња пред споменикот на св. Климент, во дворот на Ректоратот.

М-р Е.А.Атанасоска