Стручните служби во училиштата добија практична алатка за навремено препознавање на ризиците и соодветно постапување во случаи на девијантно однесување кај младите.
Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола одржа едукативна средба со членовите на стручните служби од основните и средните училишта, на која беше претставен и споделен „Прирачникот за обука на стручните служби во училиштата за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаи на малолетничка деликвенција“ – прв ваков документ изработен во државата.
Прирачникот е резултат на превентивните активности на тимот за превенција при ОСПДПБ, во состав: Жанета Ристевска – лиценциран психолог, Силвана Дејаноска – правник и Митко Бошевски – адвокат.
Целта на едукацијата беше зајакнување на знаењата, капацитетите и механизмите за препознавање, превенција и соодветно постапување во случаи поврзани со малолетничка деликвенција и ризично однесување кај децата и младите.
На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, кој ја пофали работата и ентузијазмот на членовите на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво и превентивните активности што континуирано ги реализира. За значењето на Прирачникот истакна
„Станува збор за прв и единствен ваков документ на национално ниво, кој ќе придонесе за поголема ефикасност во справувањето со сите форми на девијантно и ризично однесување кај младите. Ова е значаен исчекор во јакнењето на превентивниот систем и поддршката на стручните служби во училиштата“.
Претседавачот на Советот, м-р Жанета Ристевска, посочи дека
Прирачникот е создаден врз основа на непосредните искуства и
согледувања од бројните посети и средби во училиштата.
„Посетивме голем број училишта, разговаравме со ученици, наставници, стручни соработници и родители. Тие средби ни овозможија непосредно да ги согледаме состојбите на терен, но и да ги слушнеме предизвиците со кои секојдневно се соочувате во вашата работа“, нагласи Ристевска. Таа додаде дека малолетничкото престапништво не е предизвик само за една институција, туку заедничка одговорност која бара постојана координација и партнерство меѓу училиштата, семејствата, локалната самоуправа, ЦСР, СВР, полиција и другите релевантни институции.
За значењето на институционалната соработка зборуваше и секретар на ОСПДПБ, Силвана Дејаноска од Основниот суд Битола, која се осврна на потребата од навремена координација и соодветно постапување во случаи на деца во ризик и малолетничко престапништво.
Прирачникот го презентираше адвокатот Митко Бошевски заменик претседавач, кој истакна дека документот е структуриран во два дела и содржи конкретни насоки, процедури и практични примери наменети за стручните служби во училиштата.
„Прирачникот е изработен како резултат на препознаена потреба за обезбедување систематизирана, практична и применлива поддршка за професионалците кои работат со деца и млади. Неговата примена ќе придонесе за навремено препознавање на ризиците, поефикасна превенција и соодветно постапување во случаи на девијантно однесување и малолетничко престапништво“, истакна Бошевски.
Прирачникот веќе е доставен до стручните соработници во основните и средните училишта, а од наредната учебна година се очекуваат нивни предлози и сугестии за негово дополнување и унапредување согласно практичните искуства од терен. Неговата официјална промоција ќе се реализира во наредниот период.
Со оваа иницијатива, Советот за превенција од детско престапништво при општина Битола
поставува нов стандард во превенцијата на малолетничкото престапништво, нудејќи модел кој може да биде пример и за останатите општини во државата.

Советот за превенција од детско престапништво од Битола подготви прирачник за обука на стручните служби за малолетничка деликвенција
More from ВестиMore posts in Вести »
- По трет пат во Битола ќе се одржи “Street food Festival“
- КРЕДО Connect: презентација на успешен студентски проект на УКЛО Битола
- Во Битола сончево и топло, попладне можна нестабилност, температурата до 29 степени
- 25 јубилејно издание на “Битола Отворен Град“ – градот Битола повторно се отвора (фото)
- Започна комплетна реконструкција на улица “Дебарска“ во Битола





