Press "Enter" to skip to content

35 години “Мобилност“ – Битола, 35 години борба за пристапност (фотогалерија)

Во спортската сала на ЗИО (ЦСР – Битола), Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – “Мобилност“ – Битола денеска го прослави јубилејот – 35 години од основањето на здружението.Претседателот на здружението, прим. д-р Нико Јанков, во воведниот говор даде краток осврт на изодениот пат во изминатите три и пол децении, исполнети со бројни активности, тематски работилници, проекти на локално, национално и на меѓународно ниво, но нагласи и дека патот е долг и има уште многу за одење. Тоа особено се однесува на најголемата бариера – пристапноста.-Пристапноста и понатаму останува најголема пречка во севкупното живеење на лицата со телесен инвалидитет, но и општо за лицата со попречености. Особено ми е драго што еден од најголемите проекти на кои сме работеле – Алтернативно туристичко искуство, Алтернативно патување – го имплементираме токму во нашата јубилејна година и чии резултати ќе бидат од корист на сите лица со попречености, но и на сите нас. Особено е важно да продолжиме да работиме заедно и да соработуваме со сите институции, бидејќи само така ќе стигнеме до целта, рече д-р Јанков.На прославата присуствуваше и заменик градоначалникот на Битола, Бојан Бојковски кој рече:-Во име на градоначалникот на Битола, во име на Советот на Општина Битола, пред се сакам да ви го честитам големиот јубилеј, 35 години постоење, што значи 35 години борба за пристапност, на здружението кое се грижи лицата со телесен инвалидитет, но и општо за лицата со попречености да имаат поквалитетен живот. Општина Битола се труди на овие лица, наши сограѓани да им го олесни животот, и сакам да порачам дека и во иднина ќе се бидеме партнер во некои проекти, како што беше последниот проект за сигнализација за лицата со попреченоти.За проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“, кој се имплементира во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекуграничка соработка со соседна Грција, повеќе детали сподели менаџерката на проектот, Ивона Јанкова.-Самите резултати што ги добиваме во текот на имплементацијата докажуваат колку беше потребен ваков проект, чија цел е да мотивира трансформација на грекуграничниот регион во пристапна и достапна туристичка дестинација. Студиите изработени во рамките на проектот ја сумираа правната рамка, односно кои се законските обврски за пристапност, потоа, преку прашалници и проценка на терен ја документираа актуелната состојба на туристичката понуда во Пелагонискиот регион, што покажа дека, освен што пристапноста е недоволна, самите раководители, сопственици и вработени во туристички бизниси и културни институции недоволно или воопшто не се запознаени со законските обврски за пристапност. Туристичките агенции, пак, не се ни во можност да организираат посебни тури за лица со попречености или со намалена подвижност заради лошата инфраструктура, рече Јанкова и додаде дека со овој проект алтернативниот туризам веќе станува реалност кај нас.-Дел од резултатите од овој проект веќе беа промовирани во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со што Битола стана првиот град во регионот и пошироко со туристичка понуда наменета за лицата со попречености. Станува збор за туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола, кои веќе ги предадовме на Општина Битола и кои ќе бидат поставени на пристапна локација пред соодветните знаметитости (Хераклеја, Музеј, Офицерски дом, Кино “Манаки“, Католичка црква, Сатот, “Св. Димитрија“, Јени и Исак џамија и Безистенот). Сигналитиката вклучува дводимензионални слики од знаменитостите и опис на македонски и на англиски јазик со Брајово писмо, наменети за лицата со оштетен вид, како и QR код кој води до апликацијата, со аудио нарација на македонски и на англиски јазик, и видео нарација на знаковен јазик. Покрај нив, промовирани беа и печатени водичи со тактилни слики и опис со Брајово писмо на македонски, англиски и на грчки јазик. Со овие алатки за пристапен туризам веќе имаме зголемена туристичка понуда во нашиот град, а во рамките на претстојните обуки што ќе ги организираме, туристичките работници од двете земји ќе научат и како да осмислуваат и оформуваат тури за потенцијалните туристи со попречености.На прославата присуствуваа голем број членови на Мобилност Битола, членови од Мобилност Скопје и Мобилност Штип, заменик-градоначалникот на општина Битола – Бојан Бојковски, директорот на ЈП Паркинзи – Горан Степановски, како и повеќе пријатели поддржувачи на здружението. Традиционално, на јубилејните прослави Мобилност Битола доделува и благодарници и пофалници за постигнатите успеси и соработки.

More from ВестиMore posts in Вести »