Сојузот на спортови на Битола ја продолжи повеќе децениската традиција на избор на најдобри спортисти и спортски екипи на Битола, а утре ќе ги прогласи најдобрите за 2022 година.
Општинскиот Сојуз на спортови на Битола на свечено прогласување на најдобрите спортисти и екипи во 2022 година ќе прогласи 10 најдобри спортисти во сениорска конкуренција, најдобри млади спортисти до 18 години, 3 најуспешни екипи во сениорска и 3 најуспешни екипи во младинска конкуренција.
Општинскиот Сојуз на спортови на Битола ќе додели и награди за животно дело на спортисти кои постигнале резултати за почит и оставиле неизбришлива трага во развојот на спортот во Битола.
Свеченото прогласување ќе биде во салата на Народниот театар во Битола со почеток во 18 часот, а ќе биде проследено со видео материјал за сите досегашни добитници на признанијата и за годинашните најдобри спортисти и екипи, кој го подготвија Гоце Веселиновски и Александар Котевски.