Press "Enter" to skip to content

Пристапниот туризам ни е од корист на сите, прва обука за туристичкиот сектор во саемот “Хелекспо“ во Солун (фотогалерија)

Како еден од најпосетените градови во земјава, Битола и околината изобилуваат со бројни туристички атракции, сместувачки и угостителски капацитети, но вратите на добар дел од нив не се отворени за сите. Неколку скалила, отсуство на лифт, паркинг места, тесни тоалети се само дел од деталите кои повеќето од нас не ги ни забележуваме, а кои за некого значат „забранет влез“.Очигледно е дека оваа проблематика треба посериозно да се третира, а во нејзиното решавање треба да се вклучат сите засегнати страни, бидејќи само со заедничка работа и соработка ќе ги добиеме посакуваните резултати што ќе ни користат на сите. Токму тоа го прави Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола со проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кој го имплементира со уште два грчки партнери во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“, ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.Покрај ИКТ алатките за пристапен туризам, промовирани во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост  – 3 декември, МОБИЛНОСТ Битола и партнерите во проектот со своите експерти ги здружија силите за да го мапираат прекуграничниот регион со сите пристапни туристички локалитети, природни и културни богатства, сместувачки и угостителски капацитети, но и да ги обучат туристичките работници и сите засегнати страни во туристичкиот сектор како да ја подобрат пристапноста во своите бизниси и институции, со што би се отвориле вратите за уште поголем број на посетители во двете земји.Каква е законската рамка, каква е ситуацијата на терен и кои се начините да се подобри пристапноста беа темите со кои четириесетина туристички чинители од двете држави се запознаа во рамките на првата обука што се одржа во саемот „Хелекспо“ во Солун на 31 март 2023. Претставници на музеи, хотели, ресторани, туристички агенции и локална самоуправа детално се запознаа со придобивките кои ги носи пристапниот туризам, за кој интересот континуирано се зголемува на глобално ниво.Она што беше уште поважно, како што нагласи проектната менаџерка на МОБИЛНОСТ Битола – Ивона Јанкова – е дека покрај сета таа статистика на бројки и фигури (15% од светското население има некаква попреченост), не треба да се заборави на човечката димензија. „Без оглед на нашите карактеристики, сите ние сме луѓе и ја имаме истата основна потреба – да се поврземе, да споделуваме и да припаѓаме“, рече таа. Затоа, можеби највпетачливо на целиот настан беше обраќањето на м-р Симона Јовеска, советничка за социјални услуги во Општина Битола и членка на МОБИЛНОСТ Битола, која најдобро ја долови суштината на овој проект.-Кога треба некаде да отпатувам, прво морам да се осигурам дали ми е достапен соодветен превоз до локацијата. Дали имам некој да ме вози, дали сместувањето е пристапно, дали има рампа, дали тоалетот е адаптиран и со соодветни димензии, дали можам непречено да се движам во околината… сето тоа е долг и макотрпен процес на пребарување информации, особено ако станува збор за краткотрајно патување, објасни Симона.Освен теоретскиот дел, целата екипа што отпатува од Битола до Солун и практично ја искуси важноста на пристапниот туризам, но и колку врати се „затворени“ за бројни потенцијални туристи, а истовремено го отежнуваат патувањето и на лица со намалена подвижност, стари лица, родители со детски колички, туристи со голем багаж… Уште повеќе радува фактот што голем дел од нив веќе работат на подобрување на пристапноста во нивните бизниси/институции, а оние кои допрва ќе го направат тоа, сега знаат каде да се обратат за консултација и насоки како правилно да ги изведат потребните адаптации.Впрочем, како што гласи и меѓународното мото на лицата со попреченост  – Ништо за нас, без нас – од МОБИЛНОСТ Битола порачаа дека што и да се презема во однос на пристапноста, секогаш треба да се консултираат експертите и самите здруженија на лица со попреченост, бидејќи најкорисните совети ќе ги добијат токму од нив.Во рамките на проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ ќе се одржат уште две обуки за туристички работници, а ќе биде изработен и прирачник со насоки за организирање и осмислување на пристапни туристички услуги и производи. Мапирањето на пристапни локации во прекуграничниот регион е во тек, а повеќе информации за проектот прочитајте на altertrip.eu.         

 

More from ВестиMore posts in Вести »