По повод 120 годишнината од прераната смрт на Гоце Делчев во фоаето на
Културно образовниот центар “Илинден“ веднаш до црквата “Св. Петка“ како секоја
година така и оваа беше одржана панихида и поклонение пред паметникот на Гоце
Делчев.Токму на денот на погибијата парохискиот свештеник, отец Владо Недески одржа панихида а потоа имаше и свое обраќање за животот и делото на Делчев.Букет свежо цвеќе положи претседателот на МПЦ “Св. Петка“, Борис Димчевски, а венец
поставија Спасија Огненовска и Летка Димовска во име на пензионерското друштво.Покрај свештеникот свое обраќање имаше и Кире Циревски кој меѓу другото рече:-Историјата на македонскиот народ е исполнета со многу бунтови, востанија, со народно-ослободителни движења и непокор, чии носители се многу бројните знајни и незнајни борци, револуционери, преродбеници, патриоти. Во македонската историска ризница покрај многуте скапоцености и достигања ги имаме Карпошовото, Разловачкото, Кресненското и Илинденското востание. Ја имаме и Народно ослободителната борба. Тоа се историски дострели кои и со јазикот на непобитните аргументи јасно укажуваат дека Македонија е
држава со длабоки и богато разгранети корени.
Меѓу плејадата на оние кои ги положија своите животи на олтарот на слободата за својата македонска земја е и идеологот, организаторот и предводникот на македонското национално ослободително движење Гоце Делчев. Токму денеска се навршуваат 120 години од неговата смрт, а ние се собравме да му одадеме должно признание и се поклониме пред ликот на големиот син на Македонија. Гоце Делчев се појави на Македонската историска сцена токму во времето кога беа на лице сите општествено економски и политички претпоставки за појава и развиток на македонското национално ослободително движење. Како рожба на својата епоха, тој како и другите протагонисти на македонското револуционерно движење успеа да проникне во желбите и стремежите на македонските поробени маси, да стане нивни вистински изразител и двигател. Живееше Гоце Делчев се на се само триесет и една година (1872 – 1903). На Македонското револуционерно поприште помалку од една деценија (1894 – 1903). За историјата тој краток период чини само миг, но Гоце Делчев оставил со својата дејност во македонското ослободително движење неизбришлива трага во историјата на Македонскиот народ.