Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер 2 од Битола денес официјално обелодена дека е побогат за уште еден голем балкански талент, 16-годишниот босански интернационалец Алем Хаџиќ, кој веќе е во Битола и по потписот на договорот ќе му се приклучи на тимот на тренерот Михаил Петровски.
Алем Хаџиќ може да игра на позиициите лев и среден бек, доаѓа во Битола од клубот Коњух, каде веќе се наметна и играше важна улога и во сениорскиот тим. Хаџиќ потпиша четиригодишен договор со нашиот клуб.
Со Коњух, Хаџиќ беше трикратен шампион во првенството за кадетите, а двапати беше МВП на завршните турнири и најдобар стрелец.
Алем по многу параметри е рекордер во босанскиот ракомет, а во Суперлигата на БиХ дебитираше на само 14 години. Официјалното претставување на Хаџиќ е предвидено на крајот од месец август.