Press "Enter" to skip to content

До пристапност со универзален дизајн: МОБИЛНОСТ Битола со дефиле на Широк Сокак и промоција на Прирачник за пристапен туризам

Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола денеска го организираше традиционалното Дефиле на Широк Сокак, манифестација чија цел е да ја потсети јавноста дека дел од нашите сограѓани и понатаму се соочуваат со низа препреки и предизвици за непречено функционирање во нивното секојдневие. На членовите од Битола, Демир Хисар и Ресен им се придружија и членовите на здруженија на Мобилност од Штип, Гевгелија, Кочани, Велес, Радовиш и од Кавадарци.-Годинава наша тема на дефилето е пристапноста, посебно пристапноста со примена на универзален дизајн, во кој се содржани сите можни дејности кои се во функција на лицата со инвалидност и за сите други, без никакви додавки да може да ги употребуваат сите лица. Ние во последните 30-40 години, ги охрабруваме институциите на системот во државата да почнат поинтензивно и посилно да ги применуваат сите законски прописи и конвенции со кои се овозможува подобро и полесно живеење на лицата со инвалидност. За жал, и во Битола институциите не учествуваат со соодветен одговор на нашите потреби, а мапирањето што го направивме констатиравме дека во цел Пелагониски регион, дури 90 проценти е непристапен за лицата со инвалидност“, изјави прим. д-р Нико Јанков, претседател на Мобилност Битола, здружение кое во декември минатата година одбележа 35 години од основањето.-Битола воопшто не е пристапна. Треба да се подигне свеста во општеството дека постоиме и дека сме еднакви со сите. Многу сум изреволтирана, го направија стадионот во Битола, а нема никаква пристапност. Има скали еден куп, а рампа никаде, рече Билјана Тодоровска, дипломиран драматург и поетеса, членка на Мобилност Битола.Според Софка Прчева, генерален секретар на Националниот Сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, причината е во непочитувањето и недоволното спроведување на законите.-Со денешното дефиле сакаме да се подигне јавната свест, но не само на обичниот граѓанин, туку и на институциите за основните права кои треба да се почитуваат, а тоа се пристапноста и примената на универзалниот дизајн, посебно при изградба на јавни објекти. Пристапноста е најголемиот проблем бидејќи без тоа лицата со инвалидност не може да ги остварат своите права во здравството, образованието, не може да посетуваат спортски, музички и други настани. Законите не се проблем, бидејќи тие отсекогаш постоеле и во нив се пропишани мерките за пристап до објекти, но проблемот во нашата држава е што законите не се почитуваат од институциите, објасни Прчева.На манифестацијата присуствуваше и Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Игор Неделковски, кој истакна дека токму битолскиот Универзитет е единствениот во Македонија во чиј студентски дом има пристапни соби за лица со попречености.-Најголемиот дел од факултетите се пристапни само на првите катови, каде вообичаено се лоцирани студентските прашања, па студентите немаат проблем да си ги остварат административните права. Исто така, и за полагање на испити се наоѓаат решенија да бидат на првите катови. Другите катовите ни се проблем бидејќи немаме средства за лифтови и тука им помагаат колегите во искачување на скалите. Треба да се работи на изнаоѓање средства за да бидат пристапни и другите катови, рече Неделковски.Во вториот дел од манифестацијата, во ресторанот „Корзо“ беше организирана и работилница на тема „До пристапност со универзален дизајн“, како и промоција на Прирачник за пристапен туризам, изработен во рамките на проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“, кој Мобилност Битола го имплементираше како дел од ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка со Република Грција 2014-2020, ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички. Прирачникот го изработи тим од 4 експерти, составен од проф. д-р Ристо Речкоски, проф. д-р Иванка Нестороска, д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски.-Увидот во пристапноста на туристичките капацитети и објектите од областа на културата покажа дека голем дел од нив (сопственици/надлежни) не ја познаваат законската регулатива, голем дел мислат дека се пристапни, а не се според стандардите. Повеќе од 90 проценти изразија подготвеност да научат како да станат пристапни за лицата со попреченост. Проблемот за пристапноста на културното наследство е што имаме големи пречки во адаптирање на влезови, тоалети по стандардите. Кај туристичките капацитети големината на објектите и неможноста да се адаптираат, рече д-р Ирена Ружин, која ја спроведе и теренската студија за проценка на пристапноста на туристичката понуда во Пелагонискиот регион.Менаџерката на проектот, Ивона Јанкова, нагласи дека туризмот и сите туристички услуги се производ кој треба да се продаде, а колку подостапен е тој производ, толку поголем е бројот на потрошувачи.

Големите супермаркети се одличен пример за пристапност. Тие најчесто имаат голем паркинг, широк и рамен влез, големи лифтови доколку има повеќе спратови, вратите се отвораат автоматски, а внатре е добро осветлено, јасно означено што каде се наоѓа. Сето тоа со една цел – да се фокусираме на производите, непречено да пазариме и да излеземе од таму со полна количка. А бидејќи и туризмот е бизнис, вложувањето во пристапноста (удобноста) дефинитивно ќе им се исплати. И задоволниот муштерија сигурно ќе се врати пак, објасни таа.

Со ИКТ алатките за пристапен туризам кои беа изработени во рамките на проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, Битола стана првиот град на Балканот со туристичка понуда за лица со попречености.

More from ВестиMore posts in Вести »