Press "Enter" to skip to content

Ангеловски: во Лигата на шампионите секој натпревар мотивира, така е и со Киелце

Еурофарм Пелистер од Битола денес во Полска, со почеток во 20,45 часот,  ќе игра против екипата на Киелце каде ќе се обидат да го освојат првиот бод во Лигата на шампиони, но тоа нема да биде ни малку лесно, со оглед на противникот кој го имаат. Тренерот Бранислав Ангеловски вели дека играат пред европски гигант против кого не им треба посебна мотивација.

-Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери. На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме. Очекувам дека Киелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф.

More from ВестиMore posts in Вести »