Press "Enter" to skip to content

Одблиску со д-р Билјана Илковска

По повод Светскиот ден на науката УКЛО ја прошири научната орбита на дејствување, со нов формат, динамизирана афирмацијата на науката и со целосно отворање на Универзитетот кон поединци и организации кои се занимават со наука и истражување.
Меѓу активностите на овој план посебно место има УКЛО Мрежата како платформа за поврзување со научни дејци и институции кои делуваат надвор од Универзитетот.

Битола њуз“ низ серијал ги претставува поединечно новите членови во научното семејство на УКЛО uklo.edu.mk

Како гледате на иницијативата за формирање на УКЛО Мрежа?

Ја изразувам мојата огромна благодарност за поканата и ја поддржувам иницијативата за пристап кон УКЛО Мрежата како платформа за поврзување со научни дејци и институции кои делуваат надвор од Универзитетот. Улогата на Универзитетот е да ги обединува научните потенцијали и да има соработка со научните кадри како од УКЛО така и со научници надвор од него.

Вашата стручна биографија заслужува почит и внимание, може ли да посочите во која област е Вашето најголемо достигнување?

-Веќе петнаесет години работам во ЈЗУ Клиничка болница Битола како лекар, специјалист по медицинска биохемија, доктор на медицински науки по интерна медицина, а десет години раководам со Одделението за лабораториска дијагностика. Сум присуствувала на бројни стручни состаноци, конгреси во Републиката и странство, семинари, работилници, едукативни програми, симпозиуми, конференции, како и тренинг-обуки и курсеви за современи лабораториски методи и ИСО стандарди за лаборатории. Учествував во проекти: ”Проект за прекугранична соработка кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички во рамките на ИПА прекуграничната програма „Грција – Поранешна Југословенска Република Македонија 2007 – 2013 година „Користење на нови технологии за промовирање на здравјето на децата во прекуграничната Регион“ и Проект за прекугранична соработка кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички во рамките на ИПА прекуграничната програма „Грција Поранешна Југословенска Република Македонија 2014 – 2020 година „Континуитет на грижата кај метаболичките болести преку модерна технологија; Подобрување на превентивната здравствена заштита и социјалните услуги на децата и постарата популација“.  Работев во научно истражувачка студија: Рандомизирана, двоструко слепа, плацебо контролирана студија за евалуација на ефикасноста и безбедноста на TRC101 за успорување на прогресијата на хронична бубрежна болест кај пациенти со метаболна ацидоза. Имам богата научно-истражувачка дејност. Имам објавено бројни авторски и коавторски научни и стручни трудови од областа на медицината, кои потекнуваат од моето долгогодишно и богато искуство, објавени и презентирани на конгреси во Републиката и во странство, како и во индексирани медицински списанија. Посебно достигнување за мене како лекар е секоја навремено поставена дијагноза и излекуван пациент. Благодарноста на пациентите за помошта која си им ја пружил е награда која е непроценлива.

Каков е Вашиот план за соработка со УКЛО? Дали веќе започнавте да го афирмирате Универзитетот со планирани активности?

-Моето долгогодишно искуство во лабораториските испитувања може да се искористи за подготвување заеднички предлог проекти со вработените на УКЛО, исто така може да објавуваме научни и стручни трудови со афилијација или ко-афилијација на УКЛО заедно со вработените и студентите на УКЛО.

УКЛО мрежата треба да овозможи поголем процес на творечко, апликативно и креативно поврзување. Како би го препорачалена Вашите соработници/пријатели и на студентите – која е пораката?

-Пораката до колегите е да се почитуваме, да имаме плодна соработка, несебично да си помагаме, а до студентите пораката е да останат истрајни на вредностите, да продолжат со амбициите, да бидат новата енергија на државата.

Дали на Вашиот професионален и стручен успех сила му дава некое посебно мото?

-Мотото е аманетот од мојот покоен дедо, запишано како посвета за мене, а тоа гласи: “Учи, учи и само учи”.