Денеска се одржа петтата по ред акција за пошумување на ридот Баир, над Битола организирана од граѓанската иницијатица Зелен Баир и “ЦЕДИ“ од Битола.
Во овогодинешната акција 50-тина учесници од сите возрасти засадија 500 зимзелени садници од црн бор на потегот над црквата “Св. Четириесет Маченици“ во месноста Кркардаш.Во изминатите 4 години беа засадени повеќе од 1.000 садници од кои дел веќе се адаптирани и го разеленуваат просторот. Со денешната акција беа заменети и пополнети празнините во новиот појас шума кој го создаваме и пошумувањето се прошири во делот на падината под репетиторите.-Главната цел на иницијативата која во 2019 започна како граѓанска акција поддржана од Форум-ЦСИД е обновување на опожарениот зелен појас што ќе води кон подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, ублажување на ефектите од климатските промени и создавање на нов простор за рекреација на битолчани. Дополнително значење на акцијата и дава тоа што преку неа секоја година најмладите кои со своите родители се дел од акцијата се учат за природата и заштита на животната средина и ја развиваат навиката и свеста за потребата од садење и заштита на дрвата и шумите, велат организаторите.Покровител и спонзор и на оваа петта акција за пошумување беа “BV Business Group“ кои како општествено одговорна групација на компании ja препознаа заложбата за ревитализација на зелениот појас над нашиот град и помогнаа во набавката на садниците и активно се вклучија во пошумувањето.