Press "Enter" to skip to content

КУД “Далмација“ на Божиќниот концерт на Хрватскиот културен центар во Битола (фото)

Во Културно информативниот центар Битола, Македонско- хрватското друштво и Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ”, организираше Божиќен и предновогодишен концерт, кој ова хрватско друштво традиционално го организира секоја година на радост на љубителите на хрватската култура во нашиот град.Овој пат гости од Хрватска беа оркестарот на КУД „Далмација“ од Дуги Рат, а во рамките на свечената програма беше претставена изложбата на Влахо Бранѓолица, „Каламота – подалеку од светлината“, како и настапот на ученички од Државното музичко училиште од Битола.

-Ова е продолжување на традицијата МХД “Марко Марулиќ“, изјави Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскит културен центар.Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна и култура. Пред присутните се обрати и директорката на КИЦ, Лили Бошевска која ја поздрави оваа македонско хрватска соработка и ја истакна радоста што со претставниците од Дуги Рат се запозна ова лето со посетата таму, при која беше воспоставена соработка и помеѓу Битола и Сплит.-Најважен во целата оваа работа е господинот Бранко Маретиќ кој навистина ги гради тие мостови на соработка помеѓу Хрватска и Македонија бидејќи тоа пријателство е навистина од душа, како што секое пријателство треба да биде, полно со љубов, со разбирање, и со заеднички посети. Затоа сме му благодарни на Маретиќ бидејќи ова навистина не би можело да биде вака како што е, за секоја соработка треба многу залагање, многу негување на тоа пријателство“.

КУД „Далмација“ има долгогодишна соработка со Хрватскиот културен центар Марко Марулиќ Битола.-Голема чест и задоволство ни е што сме тука и што ќе презентираме нешто од нашата програма. Морам да напоменам дека сме воодушевени каква акустика има овој простор. Знам дека битолската публика ги сака нашите песни па ние со задоволство ја прифативме поканата да настапиме овде“, истакна Анте Раљевиќ, претседателот на КУД Далмација.

Тие со своите изведби ја збогатија културната манифестација во Битола која секоја година се организира по повод претстојните божиќни и новогодишни празници. Во нашиот град се претставија со далматински песни и божиќни песни.Изложбата  „Каламота- подалеку од светлината“ од Влахо Бранѓолица, е посветена на неговиот татко, истакнатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица кој оваа година почина. Изложбата е подготвувана скоро 15 години.

Во програмата исто така во чест на Љубомир Бранѓолица беше и настапот на ученичката Матеа Стојаноска која е во класата на професорката Маја Митровска, во придружба на проф. Доминика Робе Поповска, од Државното музичко училиште која ја изведе неговата композциија „Езеро мое“.Покрај одржувањето на овие концерти, одбележувањето на хрватските празници, Хрватскиот центар секоја година организира презентирање на македонските уметници и групи во Хрватска.

-Така оваа година организиравме КУД Илинден да настапи на Хвар, во Јелса со два концерти, после кои настапија и во Дуги Рат. Потоа КУД Мирче Ацев од Прилеп, учествуваа на меѓународна фолклорна смотра во Загреб. Овозможивме и да КИЦ Битола потпише Меморандум на соработка со Мултимедијалниот центар од Сплит, бевме единствени претставници од Македонија на меѓународната конференција „По патот на глаголицата“, потоа на конференцијата за зачувување на нематеријалното културно наследство во Босна и Херцеговина, каде беше презентиран македонскиот фолкор. Се работи за една богата палета на културни настани, еден мост на соработка преку културата помеѓу Македонија и Хрватска“, додаде Маретиќ.Вечерта помина во прекрасен амбиент, а сите присутни заедно пееја и уживаа. По концертот, во хотелот “Премиер – Центар“ се одржа и Божиќната забава на ова Друштво, на која беа разменети подароци и договорени нови настапи. Хрватските Божиќни концерти во Битола, не потсетуваат на хрватското наследство, хрватската католичка традиција, и зборуваат за активностите на хрватите кои живеат во Македонија, негувањето на културното наследство и традиција и се она што ги поврзува хрватите.

Неда Маретиќ

More from ВестиMore posts in Вести »