Press "Enter" to skip to content

Промоција на книгата “Последниот лист гитарист“ од Даниела Петровска (фотогалерија)

Во Малата сала на Центарот за култура во Битола се одржа промоција на книгата за деца и млади „Последниот лист гитарист“ од м-р Даниела Петровска, професор во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола. Промотори на книгата беа Биљана Димко, м-р Симона Петровска и д-р Анита Ангелевска.  За книгата на м-р Даниела Петровска тие ги искажаа своите стручни мислења при што изразено беше задоволството дека литературата за деца е збогатена за една вредност повеќе со текстовите што авторката низ стегнат израз, гномски, со силна ерудиција ги има срочено во силен естетско-етички код што пренесува високо хуманистички пораки:

-И, запомни! Сѐ што ти е мило,

в срце што се свило, сѐ е живо,

сѐ е живо, живо… живо.._______________

Тој што братски дава рака ако некогаш е во мака, ќе добие од пријатели сѐ што сака.

_______________

Секој што силно нешто сака, ќе стигне до него макар и со мака.

Тој што не знае што е тага, збор не знае добро да вага.

Секоја цапалка во снегот значи чекор до некој врв – духовен или  планински, најмногу чекор до врвот на сопствените можности._______________

На хоризонтот се појавува ѕуница која прегрнува бои во утринските зраци.  Тогаш се замислуваат желби за вечна љубов меѓу утрото и ноќта.  Без нив не би ја чувствувале минливоста на животот.

Во дивава природа наша, секој може да се најде во каша.  И силен и крилен, и гривен и здивен, и вообразен и безобразен.  И на мало и грдо прасе од небо може да му падне вреќа со среќа.  Но тој што ова го знае, мудро си трае.  А, тој што зло праќа, некогаш со живот плаќа.Ученичката од четврта година Емилија Атанасовска е илустратор на текстовите  кои се мали ремек-дела создадени низ нејзиното личното доживување на текстовите на професорката Даниела Петровска.На промоцијата зборуваше и авторката на книгата „Последниот лист гитарист“, м-р Даниела Петровска.  Таа ѝ се обрати на публиката низ краток и емоционален говор, исполнет со желбата да испрати порака до своите деца, до своите ученици, до родителите и учителите дека животот треба да се сака, дека секој личен пад е само прикриен благослов, зашто тој најавува широка перспектива на саморазвојот кој никогаш не застанува.  Таа кажа дека загубата на блиските личности од нејзиниот живот ја научиле да гледа зад физичката стварност која е ограничувачка и фрустрирачка, а преку создавањето на литературните текстови успева да биде подалеку од болката, поблиску до радоста. Промоцијата беше облагородена и со учеството на децата од Бабец Театар – Битола и на учениците од втора година од Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола.  Тие беа посебна атракција на промоцијата, зашто со својот естетски пристап кон интерпретацијата на книгата и преку испеаните  музчики хитови ја освоија публиката и предизивикаа еуфоричен аплауз. 

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »