Утре е закажана и битолската промоција на ФК Пелистер од Битола откако и математички на четири кола до крајот на шампионатот го потврди прволигашкиот статус. Пелистер утре се промовора како прволигаш во Битола и по пауза од две сезони се враќа во Првата македонска фудбалска лига, со директен пласман во најквалитетното фудбалско друштво во Македонија.
“Чкембарите“ истакнаа транспарент вечерва “на кошарка“, само со четири збора “Утре сите на стадион“.
“Пелистерци“ утре го одиграат последниот натпревар пред својата публика како второлигаш, а по тој повод раководството на клубот подготви големи изненадувања за фановите кои што ќе присуствуваат на трибините на битолскиот стадион, а во соопштението кои ги испратија се вели:
-Почитувани навивачи и симпатизери. Полека се приближуваме до крајот на оваа фудбалска сезона од која ни преостануваат уште два натпревари. Изминува сезона во која имавме добри резултати, некогаш турбуленции, промени во тимот, но сето тоа е составен дел од фудбалот, и ние нашата цел ја остваривме. Сакаме на сите наши симпатизери и фанови да им се заблагодариме за поддршката која ни ја даваат преку цела сезона, и ве покануваме за последен пат оваа сезона на домашен терен, на нашиот стадион ,,Петар Милошевски”, во сабота со почеток во 17:00 часот, да дојдете и заедно во што поголем број да одбележиме и прославиме влез во прва лига.
На полувреме ќе биде организирана наградна игра, а наградите за најсреќните се:
1. Дрес од ФК Пелистер
2. Топка потпишана од нашите фудбалери
3. Ваучер за сезонски билет за сезона 24/25.
Со секој купен билет имате шанса да бидете извлечени на полувреме. Секој добитник ќе биде повикан долу на стадион да си ја подигне наградата заедно со серискиот број од купениот билет. На полувреме исто така ви спремаме еден мал спектакл со нашите најмали фудбалски таленти. Ве очекуваме, се вели во соопштението на ФК Пелистер.









