Press "Enter" to skip to content

Проект АУРОРА – примена на модерни технологии во борбата против нелегалната трговија со културното наследство

Пишува: Јове Парговски, НУ Завод и музеј Битола / член на Балканска Музејска Мрежа

Насловна фотографија: Панел дискусија „Мерки за превенција на нелегалната трговија со културното наследство“
Панелисти: Lujza Varga (Hungarian National Museum), Nataliya Chukhray (Lviv Polytechnic National University), Olivera Djartovska Tachevska (Macedonian National Committee of Blue Shield), Cameron Walter (Customs Adviser and Head of Heritage Crime Task Force, Border Security and Management Unit, Transnational Threats Department, OSCE). Модератори Аида Вежич и Јове Парговски – Балканска музејска мрежа – Тиват, Црна Гора 18.04.2024

Криминалот со културни добра, обично се поврзува со три феномени:
1. Кражба, кога оригиналните културни добра се украдени од нивните сопственици (музеј, колекционер или приватен сопственик);
2. Пљачкосување (диво копање – англ. Looting) – кога предметите нелегално се отстрануваат од античките локалитети и притоа неповратно се уништува локалитетот;
3. Фалсификати – незаконско имитирање на културни добра.

Нелегалната трговија со културни предмети вообичаено се смета за трета по големина криминална активност во светот, по трговијата со дрога и оружје. Се проценува дека во овој нелегален бизнис, годишно циркулираат и по неколку милијадри евра.

Меѓународни патеки на шверц (извор: Интерпол)
Меѓународни патеки на шверц (извор: Интерпол)

Нелегалната трговија со културни артефакти ги поврзува ограбувачите на локалитетите, со елитниот свет на глобалниот пазар на уметност, преку мрежа на организиран криминал.

Од земјата од која е украден артефактот, најчесто тој поминува низ друга земја каде добива сертификат т.е. „лажен идентитет“, со кој легално се увезува во земјата дестинација.

На овој начин украените предмети јавно се продаваат најчесто во побогатите земји и купувачи се обично богати, влијателни приватни колекционери, ценети културни институции како музеите или пак во последно време со развојот на интернет продажбите – секој оној кој има пари да го плати предметот.

Заблуда е дека нелегалните предмети тајно се купуваат на западните пазари. Напротив, најчесто продажбите се јавни и купувач е секој оној кој може да го плати предметот.

Тоа е и причината зошто најголем дел од пазарот го сочинуваат културни добри од нелегални ископувања. Овие артефакти немаат потекло, што значи дека има малку информации за тоа од каде дошле, нивната историја на сопственост или како стигнале на пазарот. Тие не се дел од колекција (инвентар) и не се опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година.

За разлика од ова, предметите на пример кои се украдени од музеи, под претпоставка дека се добро документирани, се поризични и со помала можност за профит.

Балканска Музејска Мрежа (англ. Balkan Museum Network – BMN) е организација која е основана во 1996 година со седиште во Босна и Херцеговина, во која членуваат 86 музеи, 9 невладини организации и преку 160 музејски професионалци од Балканскиот полуостров.

Презентација на BMN и искуствата од Балканот на меѓународната научна конференција која се одржа на 23-24 мај, 2024 година во организација на Лвив политехничкиот универзитет во Украина
Презентација на BMN и искуствата од Балканот на меѓународната научна конференција која се одржа на 23-24 мај, 2024 година во организација на Лвив политехничкиот универзитет во Украина

Покрај другите активности BMN е партнер во проектот AURORA, кој е еден од трите проекти кои се финансирани од Хоризонт Европа програмата 2023-2025 во кластерот 2 – „Култура, креативност и инклузивно опшество“.

Проектот AURORA (AURORA – Artwork Unique Recognition and Tracking through chemical encoded data, miniaturized devices and blockchain alliance – https://www.aurora-euproject.eu/) има за цел да демонстрира како употребата на технологии како хемиско маркирање (обележување), минијатурни уредеи за следење, спектроскопско скенирање и платформите базирани на облак и блокчејн технологии, може да се комбинираат за да се создаде исплатлива, недеструктивна и неинвазивна контрамерка против нелегални активности, притоа зачувувајќи ги артефактите.

Истражуваните и имплементирани технологии во AURORA ќе се спојат во дигитална алатка што ќе им овозможи на релевантните засегнати страни, трговци со уметнички дела, кустоси, аукциски куќи и агенти, лесно да ја потврдат автентичноста и потеклото на уметничките дела.
АУРОРА исто така отвара можност за експертите од Баланот активно да се вклучат во развојот на модерните технологии против нелегалната трговија со културното наследство, а исто така и да ја искористат можноста за вмрежување, соработка и прибирање на искуства од најпознатите експерти од оваа област, преку различните настани и работилници кои се одржуваат во склоп на овој проект.

More from КултураMore posts in Култура »