Press "Enter" to skip to content

Донација во пресрет на детската трка МИНИ ТРЧАЈ БЕ

Вчера, дворот на општина Битола беше точка за едукативна и атлетска соработка бидејќи наставниците по физичко образование и директорите на основните училишта се собраа да добијат донации.  Овие донации, обезбедени од организаторите на познатата градска трка Трчај бе и Атлетската федерација на Македонија, опфатија основна атлетска опрема за 12 основни училишта во општина Битола и 3 во општина Могила.

Како дел од кампањата за пријавување на трката под слоганот “Мали чекори за големи соништа”, претходно организаторите донираа и 50 стартни пакети за децата од социјално загрозените семејства, обезбедувајќи повеќе деца да имаат можност да учествуваат и да уживаат во трката. Овој гест е доказ за посветеноста на организаторите Трчај бе и на Атлетската федерација на Македонија во поддршката и на децата и на едукаторите посветени на негувањето на младите атлетски таленти.На настанот присуствуваа Никола Димитровски – организатор на Трчај бе, Димитар Петровски – секретар на Атлетската федерација на Македонија и градоначалникот д-р Тони Коњановски, заедно со претставници на училиштата, за да ја предадат донацијата.

Никола Димитровски, организаторот на Трчај бе изјави:

-Сите ние сакаме да ги поддржиме нашите училишта и да им ги дадеме на децата алатките што им се потребни за здрав, активен живот. Битола има богата историја во атлетиката со АК Олимп кој замре и се подзаборави, па ние го возобновивме со раѓањето на големата трка пред шест години, враќајќи го атлетскиот дух на градот кој дал незаборавни национални рекорди. Денес, новите спортски надежи на битолската атлетика нижат успеси, не се враќаат од натпревар без освоен пиедестал. Оттука и идејата за детско издание на Трчај бе, под името Мини Трчај бе кое го започнавме минатата година, не е само трка, тоа е прослава на иднината на нашите млади идни спортисти.Димитар Петровски, секретарот на Атлетската федерација на Македонија, истакна:

-Оваа заедничка иницијатива меѓу АФМ и Трчај бе ја покажува нашата посветеност за негување на младите таленти и промовирање на атлетиката во сите заедници. Горди сме што стоиме со Оштина Битола во ова и се трудиме и работиме на поттикнување на интересот за атлетиката во помалите општини, па таков пример е Могила. Оваа донација е доказ за нашата посветеност. И така продолжуваме.Градоначалникот д-р Тони Коњановски изрази благодарност истакнувајќи:

-Денешниот настан е светол пример за тоа како соработката и духот на заедницата можат да направат вистинска разлика. Битола е град на спортот, горд сум што има бројни спортски клубови и здруженија кои го поддржуваат спортскиот развој на нашите деца. А овој пример на Трчај бе со АФМ е добар начин за поврзување на клубовите со образованието и заедницата. Со нетрпение очекуваме да ја видиме радоста и возбудата на лицата на нашите млади учесници оваа недела.

МИНИ ТРЧАЈ БЕ ќе се одржи во недела на 9 јуни, на градското шеталиште во Битола.