Од Света Гора: Сашо Ристевски
Света Гора е срцето на светското православие, последната жива икона на заборавената Византиска Империја и најголемиот храм во светот. Света Гора е уникатната земја на монасите и се наоѓа на третиот крак на полуостровот Халкидики, каде се наоѓа врвот Атос со 2.033 метри надморска височина.
Самата природа и локација на ова великолепно место е уникатност. Ридски пејзаж, покриен со густи шуми и раскрснат од безброј степнати клисури, сега скротени, понекогаш тешки, опкружени со чистите смарагдни води на Егејското Море.
Голема е желбата на православните верници да дојдат, да престојуваат и да го почуствуваат, макар на ден, два или три, монашкиот живот, единствен во светот, па таква беше и мојата желба. По еден неуспешен обид минатата година, заедно со Митко Лозановски, овој пат “не покани“ Божјата Мајка, бидејќи преданието вели дека без “покана“ на Света Гора не се оди.
Како се стигнува до Света Гора?
Благодарение на Димитрид Скенверис, магистер по теологија, од Лерин, Грција ги завршивме административните обврски околу патувањето за Света Гора и престојот таму. Прво на електронска пошта во канцеларијата на Света Гора во Солун, Грција се испраќа барање за престој, со точно утврден датум за влез и излез бидејќи бројот на лица кои во еден ден можат да престојуваат е ограничен.

По потврдниот одговор дека имаме одобрен престој за на Света Гора, понатамошното упатство е да побараме благослов од манастир за престој. Димитри тоа го направи во манастирскиот комплекс Каракалоу, каде се наоѓа преубавата црква посветена на светите апостоли Петар и Павле, каде се одржува панаѓур во нивна чест на Петровден 11 и 12 јули, кога и ние престојувавме.
Патување до Света Гора, до главниот град Кареа
За да се стигне до Света Гора од Битола со автомобил се патува до Уранополис, последното населено место на третиот крак на Халкидики, каде завршува патот, како велат. Таму на денот кој е определен за влез на Света Гора од канцеларијата на Света Гора на пристаништето се подигнува дозволата за влез, претходно подготвена и се закажува билет за траектот, во сопственост на Света Гора, до пристаништето Дафне. Билетот чини 10 евра, бродот тргнува во 10 часот, а патувањето трае од два до три часа, во зависност од бројот на патници и од тоа во колку манастири се застанува. Бродот, кој Димитри и грците го нарекуваат “пантовка“ прима само мажи, а внатрешноста е подредена на потребите на монасите кои патуваат кон и од Света Гора.
-Има и бродови кои прават туристички посети околу Света Гора, а во нив може да има и жени, но условот е да не се приближува на помалку 500 метри до брегот, ни објаснува Димитри, голем познавач на Света Гора и со околу 60-тина престои во манастирските комплекси, манастири и ќелии на Света Гора, од 1984 година, како студент по теологија па се до денес.
По околу 40-тина минути се влегува во водите на Света Гора, со поминување на “кинескиот ѕид“ и поранешната граница која сега не функционира, а започнуваат да се нижат манастирите со својата возвишена, безвременска убавина. Се поминува покрај големите манастирски комплекси, Бугарскиот (Македонски) манастир – Зорба, Рускиот манастир – Пантелејмон, Грчкиот манастор – Констамонит…. По брегот се забележуваат голем број на помали цркви и манастири кои ги има во доста голем број. По околу три часа патување со број и 5-6 застанувања за преземање и оставање на патници и товар стигнавме до пристаништето Дафне.
Со автобус до главниот град на Света Гора, Кареа
По пристигнувањето во Дафне започнува трката со времето за да се стигне до посакуваната локација на Света Гора. Доколку немате со вас одличен водич кој точно ги знае патиштата тешко дека ќе се снајдете и успеете во целта. Прво ни беше чудно кога Димитри инсистраше да слезе брзо од бродот и да се “фати“ минибусот, но кога видовме дека има само еден минибис, во кој ако не се качите тешко дека ќе стигнете до целта.
По околу еден час по големи угорници и кривини по земјен или бетонски пат (нема асфалт на Света Гора), во преполн минибус, во кој често и ќе стоите, се стигнува до главниот град Кареа, а цената на билетот е 10 евра.
Кареа, престолнина на Света Гора, има околу 100 монаси, главен град каде престојувал и Некрариј Битолски
Кареа е како и секое мало гратче, има автобуска станица, пошта, банка, цивилна и црковна управа, продавници, кафуле, царина, полиција, и место од каде се упатувате кон крајната цел на вашето патување, еден од манастирите. По пристигнувањето, истата трка како и во Дафне, веднаш барање на комбе со кое ќе продолжите со патувањето. Димитри малку не опушти, најде комбе кое заминува после околу еден час, но за тој час мораме да ја видиме цела Кареа, градот, седиштето на црковната управа, црквата…
-Од тука се започнува, а сега брзо. Кареа е монашки град, главен град на Света Гора, а зборот “кареја“ значи орев, кој го има многу во близина на градот. Се наоѓа во средината на полуостровот на околу 700 метри надморска висина. Тука има Протат и гувернер. Протатот е “Свештеничката заедница“, со избран Совет, составена од претставници на 20 манастири, ни раскажа Димитри и продолжи.
-Прво ќе одиме во Саборната црква “Успение на Пресвета Богородице“ која е најстара на Света Гори и според преданието е основана во 335 година. На горниот дел од олтарот се наоѓа светицата на Кареја, чудотворна икона Мајката Божја “Достојно Јест“, а се чува и чудотворната икона на Христос Спасителот. Потоа продолжуваме малку низ градот и го “фаќаме“ комбето за манастирот Караколоу, во од ни раскажува Димитри и други посебности на главниот град и како е организиран.
По еден час возење со минибус кое чини 5 евра се стигнува на другата страна, на другиот брег на Света Гора. Прво се слегува до морето, а по петнаесетина минути возење се стигнува до манастирот Караколоу кој е на околу 150 метри надморска висина.
Срдечен прием од страна на монасите и сместување
По пристигнувањето околу 15 часот ја почуствувавме широката гостопримливост на монасите, кои по прастариот обичај за да се закрепиме од патот, не пречекаа со локум, ракија – ципура и ладна вода на еден од конаците каде се примаат гостите. По освежувањето и краткиот разговор, заедно со верници САД, не сместија во конак надвор од манастирот, бидејќи поради “денот“, празникот на Светите Апостоли Петар и Павле, манастиркиот комплест беше преполн со гости.
До манастирките одаи не однесе монах, ни ги кажа правилата на однесување, обрските, ни кажа да ја чуваме манастирската градина и не покани на вечерната Богослужба која започнуваше за брзо.

Вечерна, ноќна и утринска Богослужба без прекин повеќе од 12 часа посветена на Светите Апостоли Петар и Павле
Не ни престпоставувавме како ќе се одвиваат Богослужбите во манастирскиот комплекс Караколоу ќе се одвиваат непрекинато повеќе 12 часа. Вечерната богослужба започна попладне, а се одржуваше се до времето за вечера, за сите кои беа во манастирот, потоа се продолжи со ноќната Богослужба која траеше цела ноќ, а се надоврза со утрешната утринска служба. Во меѓувреме сите присутни на службата, околу полноќ беа послужени со колач, манастирски ликер и вода.
-Молитвите на монасите се одлична прилика да присуствувате на величествената заедничка молитва, вели Димитри, и додава:
-Монасите исто така извршуваат и бројни работи. Тие се црковни лица, градинари, заедници, готвачи, библиотекари, економисти… Ними најмалку време им останува за одмор, бидејќи е проследено со сопствено монашко правило, кое секој поединец го изведува во ќелијата. Ноќе, молитвите се интензивни. Ова време од денот обично е посветено на остатокот од телото и умот. Тука смртта не предизвикува тага бидејќи е вообичаена во светот, тоа е часот на средбата на монахот со Бог и причина за достојна радост. Светогорците и денес се погребуваа како и пред илјада години.
Посебен ритуал се доручекот и вечерата
Храната на Света Гора се послужува во трпезарии каде пред време е постабена на масата каде сите заедно се хранат. Во трпезаријата се влегува по одредени правила, по вечерната богослужба, прво монасите, а потоа мирјаните, гостите. За време на обедувањето се читаше житието за Петар и Павле, а потоа имаше обраќање од страна на Владиката кој беше гостин во Караколоу.
Потоа тој прв излегува и на вратата им дава благослов на сите кои беа присутни на вечерата, а потоа повторно заминаа во црквата каде продолжија со Богослужбата, а во обични денови сите заминуваат во своите ќелии.
Поглед кон морето и Атос кој одзема здив
Бидејќи бевме во конаците надвор од манастирскиот комплекс имавме можност за уживаме пред зајдисонце кон мирното море од една страна и на преубавиот поглед на Атос, највисокиот врв на Света Гора, 2.033 метри надморска висина, од другата страна, над манастирот.
Димитри не беше себичен и ни ги покажа и не одведе на местото на кое 40 години ужива во преубавиот, широк поглед, кон манастирот, морето, полињата. Го видовме Тасос, во далечината, мирното море, врвот Атос, но тоа го прекина доближувањето на еден шакал кој ни се доближи на околу педесетина метри.
Млад член на манастирското семејство, кој ги шеташе манастирските кучиња, ни кажа дека ги има многу, се хранат со диви свињи кои ги има многу и со диви зајаци. Опасност се за посетители, и затоа треба посебно внимание, а ноќта беа блиску до нашите одаи и нивното виење во ноќта не беше ни малку пријатно за слушање.
Заминување од Света Гора
Третиот ден од нашиот престој на Света Гора беше последен за нас. По утринската Богослужба посветена на сите Свети Апостоли на 1 јули започна нашето заминување од Света Гора.
Во дворот пред манастирскиот комплекс околу дваестина верници го чекаа превозот, едни се упатија кон Кареа, други кон пристаништето Дафни, а група Срби кон спскиот манастир Хиландар. Сите се обидовме да ги средиме мислите.
-Прв пат сум на Света Гора иако неколку пати сме се договарале со Димитри, мојот голем пријатен, но сега дојде денот, што се вели. Не очекував да биде вака, очекував дека е повеќе “затворено“ за нас мирјаните, дека ќе има многу посебни забрани и ред. Не знам дали се подобро вака или како јас очекував. Фасциниран сум од некои работи, кои ги има само тука, од редот и почитувањето на се она што е одредено. Се надевам дека со Сашо бевме достојни и ја оправдавме честа да бидеме од малкумината православни верници кои се одважиле да бидеме тука, му рече Митко на чичко Драган од Белград, кој ни кажа дека дошол да го посети Хиландар по аманет на својот татко кој бил тука пред 50 години, и е пресреќен што тоа го исполнил на сериозни години.
На испраќање сите се фотографираат со единственото магаре во манастирот, а Димитри им додава:
-Кога започнав да идам тука во 1984 година единствен превоз беа магарињата, а знаев и по 7-8 часа да пешачам да дојдам на својата одредница. Сум пешачел заедно со колеги, од Ларва, најстариот манастир до Дафне шест – седум часа, а по пат монасите кои живеат сами во своите келии не прифаќаа, ни даваат благо, вода, малку и вино и ни посакуваа среќен пат. Сега е полесно движењето, но монашкиот живот е ист, поминува во служење на Бога и молитва. Некои од монасите кои се тука дојдоа пред 40 години, а се уште се тука, останале да се молат на Света Гора за сите нас.
Малку е да се напише и сто страници за Света Гора, впечатоци има премногу, а сите заслужуваат посебна приказна, а приказните кои ни ги кажа Димитри, не се дораскажани. Се закажавме, а не се ветивме, дека ако сме во можност идното лето ќе се обидеме да се искачеме на врвот Атос, на 2.033 метри, да се поклониме и помолиме во единствената црква која се наоѓа на врвот, во форма на крст.






