Press "Enter" to skip to content

53. Семакедонска средба во Трново

Во потпелистерското село Трново по повод празникот Илинден и Денот на Републиката денеска се одржа 53. семакедонска средба „Трново 2024“ на која присуствуваа Македонци од сите делови на државата и од дијаспората, во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.

Присутните гости и организаторите, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:

-Во име на културата, традицијата, меѓусебното почитување и зајакнувањето на нашите врски на соработка и разбирање за заеднички напредок и годинава на големиот празник Илинден, ја имаме можноста заедно со нашите пријатели и иселеници од сите краеви на светот, заедно да празнуваме на ова прекрасно место, во дворот на македонската црква Успение на Пресвета Богородица во потпелистерското село Трново. Посакувам добредојде на сите битолчани, на сите Македонци иселеници од Македонија, на Македонците од соседните земји на Републиката и на Македонците од Европа и прекуокеанските земји, кои деновиве престојуваат во Битола, во Македонија и учествуваат на оваа семакедонска средба. Општина Битола ја продолжува меѓународната и меѓуграничната стопанска и културна соработка со Република Грција и Република Албанија, како важни компоненти на развојот во општината и во Република Македонија“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа пред присутните во име на Владата истакна дека во оваа семакедонска средба има многу измешани чувства на оние коишто се останати тука, во своите огништа и на оние што заминале и се враќаат во родната грутка да се видат со своите најмили и да се вратат онаму каде што припаѓаат и секогаш се тука со срцето.-Тука е Македонија за сите. Секој ја сака Македонија на свој начин и секој на свој начин треба да настојуваме она што нашите претци во далечната 1903 година и 1944 година и сите потоа го создале и изградиле и оставиле на идните генерации. Во името на Владата можам да кажам дека подеднакво ќе се грижиме за сите каде и да сте. Пред нас е испитот на кој треба да положиме, а неговата тежина е огромна оти имаме одговорност пред сите вас во Трново, Крушево, Скопје, Битола, САД, Австралија, Европа и секаде да направиме посветла иднина и подобри можности за сите, рече министерката.

 На средбата во Трново, Александар Јаневски претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола истакна дека спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јули 2018 година е продолжение на Букурешкиот договор и со неа се легализира окупацијата врз Македонија.

-Токму затоа од Владата бараме безусловно еднострано раскинување на договорите со Атина и Софија и распуштање на Комисиите со Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја- рече пред присутните Јаневски.

Академик Катица Ќулафкова пред присутните истакна дека Македонија има право на успех, а Македонците право на среќа.

-Од оваа средба пораките до власта се итно и безусловно, еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 год., и итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Димитров- Коѕијас од 17 јуни 2018 год. чија единствена цел е промена на името на државата и оваа држава да остане територија без македонски народ и историја, истакна Тодор Петров од СМК.

Денес во Трново на семакедонската средба како претставник на ОК ВМРО ДПМНЕ Битола пред присутните се обрати Горан Исков – потпретседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Битола.

-Битола, за жал, е голем печалбарски град, но, и покрај се’, и после се’, засекогаш останува копнежот – иселените повторно да се вратат во стари крај, овде да живееме и пак да сме со сите во светот заедно. И како што Егејот е душата на Македонија, така и ВМРО беше и остана поривот за држава и слобода на Македонскиот народ, на сите Македонци по род и државјанство! ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија го слушна гласот на народот, Владата и парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја вратат гордоста и достоинството на народот и граѓаните, ќе се избориме против корупцијата и организираниот криминал и од Македонија ќе создадеме пристојно место за живеење, со услови за добар животен стандард и работа за сите!

И за еден од најголемите поборници за правата на Македонците во Егејска Македонија, отец Никодим Царкњас, она што го прваи Грција во однос на Македонија никогаш не било и не е демократија.

-Јас ја почитувам Грција, живеам таму, ама Грција, национализмот и фанатизмот, го нема заборавено… Грција, за жал, има големо влијание во Европа, ама Европа има голема грешка направено, според моето мислење, и Грција не требаше да биде член на Европа, требаше да чека уште, како што чекаат Македонија и другите држави….Грција не е за Европа. Не може една национална, фанатична држава која се залага за такви работи, да биде членка на Европа“, – вели архимандритот Никодим Царкњас.

Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и претседател на друштвото „Сонце“ Васил Стерјовски рече дека Илинден е симбол на нашиот колективен дух, доказ за нашата посветеност на слободата и олицетворение на нашето културно наследство.