Press "Enter" to skip to content

Интензивни работни активности во Горната гимназија за подобри услови на учениците и вработените

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска ја посети Гимназијата „Јосип Броз – Тито“, каде ова лето се одвиваат интензивни работни активности, со цел подобрување на условите за учениците и вработените во училиштето.

Работата во објектот започна по завршувањето на учебната година, со внатрешно реновирање на училиштето, а во текот на летото се работи на промена на сите врати, кои се стари повеќе од еден век, реконструкција на ходникот на вториот кат со поставување на нови плочки, како и подготовка на нов, современо опремен хемиски кабинет. Инвестицијата за мебел во хемискиот кабинет изнесува 518.140 денари, додека за промена на вратите и реконструкција на подовите се инвестираат 2.844.326 денари.

Директорката на училиштето, Лидија Споа, нагласи дека менаџерскиот тим е насочен кон постојано вложување во создавањето на подобри услови за учениците и професорите, кои во континуитет бележат видливи резултати, кога станува збор за постигнувањата на учениците од ова училиште на општинските, државните и меѓународните натпревари. Токму затоа, особено е значајно условите во кои се одвива наставата да бидат подобрени, во насока на создавање позитивна и мотивирачка атмосфера.

Реновирањето во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, се реализира со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование и наука.