-Наградата “Борислав Траиковски“ за делото “Распетие“ на Дејан Макаријовски од Битола, а “Ноемвриската“ награда му се додели на Ване Костуранов од Струмица.
Вечерва во Офицерски дом во Битола свечено беше отворена јубилејната изложба на ДЛУБ, по повод 50 години од основањето на Друштвото на ликовни уметници Битола.На изложбата се претставени над шеесетина дела од околу четириесет автори, активни членови како и дела на основоположниците на самото друштво, некои од нив доајени на македонската уметност.Претседателот на ДЛУБ, Васко Ѓоргиев, ја прогласи изложбата за отворена, а претходно рече:-Ви благодарам на сите кои сте тука присутни вечерва за да го одбележиме големиот јубилеј, 50 години од основањето на Друштвото на ликовни уметници Битола – ДЛУБ, во далечната 1974 година на 22 мај. За оваа пригода ДЛУБ ги спои двете традиционални изложби кои се поставуваа на годишно ниво, а тоа се годишната и ноемвриската изложба.-Историјата на ДЛУБ колку да е посебна таа е дел од историјата на местото каде се наоѓа. Сакам поединечно да им се заблагодарам на секој член кој бил низ годините, без разлика дали е денес присутен или не, бидејќи без нивната заложба и творештво Друшвото не би останало. Ваквите настани се случуваат да се спомнува секој еден кој бил дел од оваа уметничка фамилија и затоа и ние го организираме, бидејќи членовите не се само дел од ДЛУБ, туку и дел од Битола и Македонија, додаде Ѓеогиев.Како и секоја година и оваа ДЛУБ додели две награди, едната е Борислав Траиковски во чест на првиот претседател на Друштвото на ликовни уметници Битола, а другата е “Ноемвриската“ награда која се доделува по повод ослободувањето на Битола.Наградата “Борислав Траиковски“ се додели на Дејан Макаријовски од Битола за делото “Распетие“. -“Распетие“ има чиста композиција, атрактивна асоцијативност, симболика и ликовен јазик кој е богат не само со колоростични интервенции туку и со динамична, стилистична и јасна рефлективност. Во сликата има одредена спиритуалност изразена преку специфичната светлина, внатрешна длабочина и емотивна еруптивност…, заклучи Комисијата.“Ноемвриската“ награда му се додели на Ване Костуранов од Струмица, а се додели посебно признание на Симона Мирчевска, која доби и препорака за иден член на ДЛУБ.
Советот на ДЛУБ додели благодарници на Никола Главинче кој постојано ги помага уметниците и дава постојана поддршка на ДЛУБ и Општина Битола.Дејан Макаријовски заблагодарувајќи се на наградата рече:-Сакам прво да го честитам роденденот на ДЛУБ, 50 години од формирањето, а ќе додадам дека наградата “Борислав Траиковски“ ја ценам како големо признание, бидејќи тој е првиот претседател на ДЛУБ, доајен на уметноста, голем работник во Македонија и Битола, наша гордост. Траиковски изработил повеќе од 4.000 дела, а јас би им порачал на моите колеги, да се стремиме, да стигнеме барем блиску до таа бројка. На крај би додал дека оваа награда е голем поттик за мене да продролжам со моето творештво.Никола Главинче за доделената благодарница од ДЛУБ рече:-Сакам да се заблагорам за благодарницата, а сигурно има и други кои пред мене ја заслужиле, но во секој случај е пријатно изненадување. Го честитам јубилејот на ДЛУБ, а посакувам да се видиме и на јубилеј 75 години од формирањето, а дотогаш на уметниците квалитативно и квантитативно успешна работа, големо творештво и зачувување на епитетот Битола град на уметноста и културата. Вечерашното присуство и квалитетот на изложените дела, тоа го потврдува, дека Битола како град тоа го заслужува. ДЛУБ треба и понатаму да опстои, да нема отскокнување на јубилеите и на изложбите, а организацијата и начинот на кој тоа се промовира е прашање кое што треба малку градот и државата да размисли дали треба да го внеси го годишната програма, а ова да биде настан кој што има национален, а не локален карактер. Изложени беа дела на: Борислав Траиковски, Тоде Ивановски, Ранко Струмениковски, Перо Спироски, Стојан Апчевски, Коста Хаџи-Антоновски како и Панде Петровски, Драган Најденовски, Тони Николовски, Владимир Младеноски, Александар Поповски, Татјана Манева, Владимир Симоновски, Сандра Котевска, Љубица Мешкова-Солак, Ване Костуранов, Перо Кованцалиев, Филип Јовески и други.Друштвото во својата историја има реализирно многубројни групни и самостојни изложби на државно и меѓународно ниво, како учествувано и поддржувано настани од хуманитарен и културно-уметнички карактер.ДЛУБ е појдовна точка за секој млад уметник во градот и пошироко и преку своите активности врши континуирна педагошка дејност и образува аматери и љубители на уметноста. Друштвото брои над шеесет членови, број во посотојан раст, од повеќе градови од Македонија и од соседните земји.Изложбата е дел и од настаните организирани од општина Битола по повод 4-ти Ноември – 80 години од ослободувањето на градот.Вредно е да се спомене дека годинава во месец април ДЛУБ ја постави изложбата “Варнус 2“ во меѓународна соработка со Академијата за уметност од Лерин во НУ Завод и музеј Битола.Вечерта беше исполнета со репертоарот на музичкото трио “Балканатолија“.Текст и фото: Сашо Ристевски