Пелистер – Шкупи 86:90
Кошаркарите на Пелистер во рамките на домашното првенство за првпат сезонава се поразени на домашен терен, и тоа од новиот прволигаш Шкупи со резултат 86:90. Иако “пелистерци“ беа, како и самите кажаа пред натпреварот фаворити, тоа не го оправдаа на паркетот во “Боро Чурлевски“. Во натреварот публиката виде лоша игра во одбрана кај Пелистер, а голем мотив кај гостите, кои ја заслужија победата.
Натпреварот започна со првите поени на Андрија Бојиќ за водство на Пелистер од 6:5. Потоа се беше во знак на “зелено-белите“, во ритам влезе и Антоан и набрзо предноста скокна на 18:11. Шкупи одговори со шест поени во низа, по што се продолжи со израмнета игра до крајот на четвртината и овој прв период заврши со минимални 21:20 за Пелистер.„Зелено-белите“ не успеваа да се одлепат резултатски ниту во вториот период од натпреварот, во кој Шкупи почесто имаше минимално водство. Гостите од Скопје имаа „плус пет“ на три минути до крајот на полувремето (34:39), по тајмаутот четири поени во серија постигна Едвардс, тројка реализираше Александар Костоски, за по поените на Трајбл на спротивната страна на одмор да се замине со израмнети 45:45.Пелистер имаше контрола над резултатот само до 56:53 во третиот период, по што гостите реализираа осум поени во низа, влегувајќи целосно во ритам. Третата четвртина заврши со резултат 59:64, но наместо камбек Шкупи продолжи да доминира и во 34. минута поведе со 63:73. Гостите имаа и +10, 71:81 на нецели две минути до крајот.Пелистер успеа на фантастичен начин да се врати, со поените на Антоан (три од линијата за слободни фрлања) и Ташовски израмнувајќи на 86:86, на 15 секунди до крајот. Тренерот Петровиќ одлучи Пелистер да го има последниот напад, експресно беше направен тактички прекршок, Шкупи погоди две слободни фрлања, но Антоан во клучните моменти ја загуби топката и гостите со нови два „пенала“ во финишот стигнаа до победата.
Антоан беше најефикасен кај Пелистер со 26 поени, повратникот Андрија Бојиќ имаше 19 поени и осум скокови, додека по осум поени во вечерашниот пораз постигнаа Стајиќ, Костоски, Стојановски и Едвардс.