Press "Enter" to skip to content

Одржана меѓународна научна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој (фото)

По повод одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола  на 15 и 16 ноември 2024 г. во Офицерски дом во Битола ја одржа Годишната меѓународна научна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“.Низ неколку панела, стотина научници и професори од различни профили од земјата и странство, низ научен пристап ги актуелизираа глобалните цели дефинирани во Агендата 20 – 30 на ОН.Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски ја истакнува посветеноста на УКЛО кон вакви академски активности што овозможуваат третирање на целите на ОН за одржлив развој, особено затоа што нивното исполнување е од исклучително значење за Универзитетот, за локалните заедници и глобалната средина.Проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ потврдува дека научната конференција е мотивирана од потребата УКЛО да обезбеди сеопфатна хибридна и интердицсиплинарна научно истражувачка рамка, за научно истражувачки кадар како од УКЛО, така и од светот, да ги собере на едно место сите оние што сакаат да дадат придонес во развојот и операционализацијата на целите на ОН за одржлив развој.Гостинот од Универзитетот во Загреб, д-р Горан Бандов оценува дека без интердисциплинарен пристап не би можело да се обезбеди функционален пристап кон целите за одржлив развој. Академската заедница има многу важна улога кон овие цели заедно со политиката, медиумите, економијата и сите други актери кои заедно може да делуваат на различни начини.Учесникот од Грција, д-р Ангелос Касканис верува дека само преку соработка, чиј доказ е Конференцијата, може да се овозможи промовирање и унапредување на целите за одржлив развој и не е доволно да се дејствува само на дипломатско институционално ниво, туку треба да се вклучи и академијата и пошироката заедница за да може овие цели за одржлив развој полесно да се остварат.Дополнително, најдобро селектираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание на УКЛО ,,Хоризонти“. Инаку, станува збор за трета конференција на која УКЛО на научен начин ги операционализира целите на ОН за одржлив развој, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој.Работните панели на Конференцијата ги водеа академски кадри од УКЛО: д-р Младен Караџоски, д-р Ице Илијевски, д-р Дијана Блажековиќ – Димовска, д-р Ангелка Јанкуловска, д-р Елена Тиловска – Кечеџи, д-р Мимоза Богданоска Јовановска и гостинката, д-р Емилија Алавердов.На Конференцијата учество зеде заменик министерот за јавна администрација, д-р Лазе Јаќимоски и проректорите: проф. д-р Јове Димитрија Талевски, проф. д-р Цветко Андреески и претседателот на Универзитетскиот сенат на УКЛО, проф. д-р Филип Поповски.Оваа година Конференцијата опфати посебен тематски дел за „Еднаквост, различност и инклузија“, со што ја нагласи важноста од поттикнување на инклузивна средина која ја вреднува различноста и промовира еднаквост во сите сектори на општеството.Мастеркласот се одржа во партнерство со Универзитетот Кристијанштад од Шведска и Ле Манс од Франција, членови на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

More from ВестиMore posts in Вести »