Со нашите превентивни активности ако сме спречиле и одвратиле макар еден средношколец да да направи престап и влезе во престапништво, тогаш сме ја постигнале целта велат од Општинскиот совет за превенција за своите трибини кои ќе се реализраат низ средните училишта во Битола.
Во рамки на месецот на борба против зависности Општинскиот совет за превенција од детско престапништво ОСПДПБ започна со кампања за подигнување на свеста против зависностите меѓу средношколците во Битола. Во рамки на кампањата на 20 ноември беше одржана трибина меѓу ученици од прва и втора година во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“Битола.
-Започнавме со активности од кампањата токму на 20 ноември Денот на правата на децата убав датум со цел да се подигне свеста за опасностите и последиците кои настануваат од зависностите како прекомерно конзумирање на алкохол, употреба на дрога и психотропни супстанции. На оваа тема и трибина која беше интерактивна со учениците членови од ОСПДП кои доаѓаат од различни институции се обратија со превентивни излагања, секој од свој аспект, изјави претседателот на Советот за превенција, Жанета Ристевска, психолог.
Сашо Кочанковски потпретседател на ОСПДП од Центар за човекови права „Амос“ зборуваше за правата на децата, но и одговорностите кои тие права ги носат со што даде еден вовед за понатамошните членови.
Силвана Дејаноски член на ОСПДП од Основен суд имаше кратка презентација за тоа ШТО Е ПРЕСТАП? И зборуваше за Закон за правда на децата, со кој закон се уредува постапувањето со децата во ризик и децата што извршиле дејства што со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци. Кои се условите за примена на мерки на помош и заштита, на воспитни и алтернативни мерки и за казнување на децата и помладите полнолетни лица, положбата, улогата и надлежноста на органите што учествуваат во постапувањето со децата и извршувањето на воспитните и алтернативните мерки и казни.
Митко Бошевски од адвокатска комора истакна дека зависноста од алкохол, дроги и психотропни супстанции доведуваат до зголемена потреба на финансиски средства што предизвикува зависникот да се јави како сторител на кривични дела од различен вид (кражби, недозволена трговија со наркотични средства) кривични дела во сообраќајот како и други казниви дела. Во делот за алкохолизам се јавуваат карактеристични елементи агресија која претсавува мотиватор за дела против јавен ред и мир. Тој исто така зборуваше за зависноста од игри на среќа и обложување, кои доведуваат до запаѓање во долгови. Со времето во кое живееме и лесната достапност преку интернет, се зголемува и сајбернасилството.
Каролина Димеска самостоен инспектор од МВР Битола зборуваше за последиците од дрогата и сподели видео со мото „Избери живот, не дрога“ кое на најреален начин прикажа како може да се промени животот на оној кој посегнал по дрога, но и насите околу него: семејство, пријатели…. Исто така зборуваше и за законските реперкусии, но и последиците кои произлегуваат од користење и трговија со дрога.
После завршување на презентациите, кои предизвикаа голем интерес кај учениците, тие имаа многу прашања кои им ги поставија на членовите на ОСПДПБ.
Трибините продолжуваат и во другите средни училишта.






