По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО Битола врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници.
Најдобар и најплоден научник на УКЛО Битола е професорката Анка Трајковска Петкоска од Технолошко–техничкиот факултет – Велес.
УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?
-Многу ми е драго што УКЛО ја продолжува започнатата иницијатива и оваа година, и верувам истата ќе помине во традиционална навика за поттик на академскиот кадар да се стреми кон подобра и препознатлива научно-истражувачка работа. Секако дека ова е заслуга на позитивен гест на ректорот и неговиот тим, кои секогаш се стремат за развој на науката и соработката со домашни и странски институции. Истовремено, ова значи повисоки нормативи за научни референци, трудови и проекти кои би биле со значајно влијание, со што автоматски се зголемува и видливоста на нашиот УКЛО во земјата и надвор од неа, но и повисок рејтинг на листата на рангирање на Универзитетите.
Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважнотонаучно достигнување во оваа академска година?
-Мојата област на научен интерест е наука и инженерство нa материјали во контекст на подобрување на традиционално-користените материјали со цел постигнување на задоволителен сет на својства зa соодветна употреба на материјалите. Со други зборови, промена на својствата на материјалите со цел да одговорат на некоја специфична цел т.е. апликација.

Инаку, по професија сум инженер-технолог и посебно сум горда на избраниот позив. Никогаш не зажалив зошто го избрав овој позив, а друг воопшто и не сум посакувала. Од интерест ми се спојот на технологијата со науката иинженерството на материјалите, што е атрактивен на глобално ниво и решава многу значајни теми од напредни материјали како што се композитните материјали, потоа материјалитe во контакт со храна, и многу други одржливи опции кои ги среќаваме околу нас во секојдневниот живот. Понатаму, интересни ми се и процесите со кои се менува традиционалниот начин на размислување и се во насока на новите светски трендови, како на пример, енергетско-ефикасни процеси, технологии со нулти отпад, искористување на отпадни материи, и секако во согласност сo глобалните трендови–„еколошки-совесни”опции од типот на: ,,она што е добро за човекот, е добро и за планетата и води кон заедничка добитна комбинација и просперитет“.
Од позначајните постигнувања за оваа година ќе издвојам неколку, од креирање на антимикробни материјали на база на не’рѓосувачки челик и тоа веќе се публикуваше, потоа соработката на проект за опција за складирање на водород поточно, избор на потребните композитни материјали за оваа намена (проект т.е. соработка на дело помеѓу индустрија-академија), па сè до атрактивни материјали кои се од био-потекло, биодеградабилни и зајакнати со (био)активни супстанции од растителен отпад, а сепак материјали наменети за во допир на храна. Овие теми пред се ми се посебно драги бидејќи се однесуваат за доброто на човештвото, во поглед на зелени и одржливи опции, искористување на отпад или намалување на истиот, итн. Во меѓувреме напишав неколку поглавја во книги од издавачите Елсевиер и Спрингер, а на една од нив сум и самата уредник; понатаму, гостин-уредник сум на покана на овие публикациски куќи, и тоа на повеќе списанија со импакт фактор за кои истовремено сум и рецензент на трудови поднесени од други автори.
Посебно драга ми е и понудата од Кореа Унивезитетот од Сеул, Р. Кореа, да станам нивен член во тимот на професорскиот кадар, ја прифатив истата и денес сум надворешен професор на овој престижен Универзитет кој се рангира во првите 5 места во нивната држава (од околу вкупно 200 Универзитети). Се надевам, оваа поврзување ќе вроди во идни плодни соработки како и поврзување на мојот матичен Универзитет УКЛО со Универзитетот во Кореа.
Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?
-Имам повеќе иницијативи и замислени проекти за следнава година, да бидам искрена незнам од каде да почнам, бидејќи на овие простори иако идеите се присутни, сепак се соочуваме со соодветнафинансиска поддршка за истите. Тоа најчесто го одложува реализирањето на нашите идеи. Имено, најчесто недостасуваат средства за отпочнување и спонзорирање на проекти, а потоа доаѓаат и инфраструктурни проблеми, како да се спроведат идеите преточени во проекти, дури и соодветно да се заштитат потенцијалнитe иновации. Современите лабораториски услови кои недостасуваат во земјата сепак се посебно значајни за да се направи квалитетно дело/труд/проект, а тоа понатаму значи и повисок ,,рејтинг“ за сработената работа и поголема препознатливост во меѓународни димензии. Во спротивно, за нешто да реализираме, најчесто соработуваме или се вмрежуваме со соработници од надвор со подобри истражувачки капацитети, и споделуваме идеи со нив. И ова второто не е лошо, но припадноста на идните резултати веќе се споделени, а не лично наши, или ,,направени во Македонија,“ што е предуслов да имаме и наш бренд, и се покажеме со свои центри за извонредност. Затоа, мислам дека треба да се работи во оваа насока и повеќе средства да се одвојуваат токму за научно-истражувачка работа во земјата.
Се надевам дека наскоро ќе тргнеме по овој пат и препознавање на своите вредности тука во земјата, ќе се насочиме кон она што е потребно на државата зависно на нашите ресурси, потреби и приоритети, а не на она што другите го сакаат или работат. Сакам нашите вредности дa останат во земјата, да бидат гордост на Македонија, а тука посебно мислам на човечкиот потенцијал. Навистина ми е криво кога младите заминуваат од земјата, а тоа се најпотребните кадри на оваа земја и наш иден академски потенцијал, кои може најмногу да придонесат за препознатливоста на земјата во странство. Го оправдувам нивното заминување од државата за доусовршувања, образование и слично, но би сакала да се вратат назад со додадена вредност. Она што се случува моментално, нашите млади да остануваат во странство е катастрофално – земјата eдноставно ги губи човечките рeсурси кои ѝ се многу важни и потребни за идни промоции на државата како во поглед на научно-истражувачка работа, во академската сфера којашто ни осиромашува, но и во индустријата во која исто така недостасуваат квалитетни кадри и двигатели на развојот.
Нема нешто поубаво кога ќе слушнеме дека некој од Македонија направил успех надвор од државата, но јас посакувам тој некој да биде тука, или да се врати во државата после неговото искуство стекнато надвор од државата. Како пример ќе кажам, и јас бев еден од тие студенти кои заминаа надвор, студирав и докторирав на Универзитетот во Рочестер (Рочестер, Њујорк, САД), стекнав знаења и компетенции во областа во која се образував, тоа е драгоцено искуство. Знам како е да се работи во мојата област и во светски институции, лаборатории итн., тоа е она што го немаме овде, но сепак, никогаш не зажалив што се вратив во земјата. Едноставно, сакам да го пренесам искуството и со практичен сопствен пример дa покажам дека убаво е да се оди надвор за усовршување, но уште поубаво е кога ќе се вратите дома и ќе покажете дека можете да постигнете или бидете прeпознаени и таму и тука- дома. Тогаш сте на добар пат во одлуките и размислувате без граници- физичките границите не ви значат многу, бидејќи умот, мислата и науката се без лимити.
Кои се моите идни предизвици: конкретно неможам да кажам заради сето ова опишано погоре, но секако ќе бидат поврзани со зелените материјали, обновливите извори на енергија, одржливи системи за процесирање на храна, итн., и сè во контекст на глобалните трендови за одржливост. Честопати се водам од онаа изрека на М. Кири: ,,некој никогаш нема да забележи она што е завршено/постигнато/, а друг го гледа само тоа што останува недозавршено,,…..(One never notices what has been done; one can only see what remains to be done.M. Curie),токму за вториот дел на реченицава мислам –т.е. го посакувам она што е предизвик да се сработи, а сепак светот има потреба од тоа – сакам да го оправдам потегот зошто нешто би работела и вреди да му се посвети и време и ресурси за да истото се заврши. Во спротивно, би било однапред изгубен напор. Времето е исто така многу битен фактор кој не се враќа и регенерира, затоа треба правилно да го испланираме и употребиме во нашите идни чекори.
Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?
-Научник според мене не треба да се поистоветува со професијата професор во класична смисла на зборот и тоа посебно во оваа земја. Често пати науката ја поврзуваат со професорите, а не мора да биде така. На запад тоа се две различни професии, пример научник во индустрија што е посебно атрактивно и убава можност за докажување на дело, инкорпорирања на знаењата во пракса. Но, секако, да не бидам погрешно сфатена, професор и научник може да се спои во едно бидејќи се комплементарни едно на друго; добар професор може да е и добар научник, т.е. професор кој со свој пример ќе покаже како теоријата е поврзана со праксата, знае да долови уникатен примерод сопствено искуствово предавањата, итн. (пред се ова важи за мојата струка).
Целосно посветување на науката според мене значи голем придонес кон развојот и зголемување на иновативниот капацитет на земјата. Ние,за жал најчесто сме сведоци на класичен профил на професори – предавачи кои немаат свои сопствени примери кои ќе ги објаснат пред студентите, и соодветно ќе ja поврзат теоријата со праксата, ќе ги поттикнат студентите да размислуваат,не поради тоа што теоријата веќе постои, туку да размислуваат во спротивна насока – како да се разреши конкретен пример со постоечките знаења/компетенцииили дури да ги предизвикаат постоечките теории на промени.
Мислам професорите треба постојано да ги обновуваат своите знаења и да ги следат светските трендови барем во својата област на дејствувањеи само така ќе бидат промотори на науката пред студентите – во тој случај ќе има и интерест кај младата генерација за натамошни научни и академски постигнувања. Во спротивно, нема да може да се долови вистинската слика за наука кај младите генерации.
На прашањето што е потребно да се направи овде за попродуктивен научно-истражувачки процес, мислам неколку фактори се клучни:
-Прво, човечкиот потенцијал е многу битен – да посветиме соодветни норми во нивното образование, да ги стекнат соодветните знаења, компетенции и експертиза, да имаат компетитиво знаење и вештини кога ќе се споредат со нивните колеги од другите земји. Исто така, треба да сме многу внимателни во одлевањето на нашиот млад академски кадар надвор од државата. Како мала земја, не смееме да си дозволиме одлив на кадри, бидејќи еден ден ќе останеме без нив и ќе немаме соодветен научен потенцијал и развој, би останале земја на постара популација. Човечкиот потенцијал е најважен и незаменлив и ни треба да го оспособиме на предизвици, да плови и по бурни води, но под наше знаме. Познати се предизвиците или надградбата што се нуди и надвор од државата, и во ред е да ги прифатат, искористат, но да имаат желба и да бидат привлечени да се вратат тука, на домашно тло и да создаваат овде. За жал, со одлевањето на младиот човечки потенцијал што се случува сега, ние немаме простор ни за проста репродукција во академските институции.
-Второ, финансиската поддршка за научно-истражувачката работа во земјата е малa и незадоволителнa. Како би направиле нешто значително во светски рамки без вакви ресурси? Не е можно. Со цел да имаме компетитивно значење на нашите научни трудови, истите треба да бидат сработени на соодветно ниво–резултатите да бидат испитани и докажани на софистицирана опрема (пример, лабораториска) со што ќе имаме компетенции да се мериме со останатите во светот.Значи, финансиите се неопходни за научно-истражувачка работа, исто така.
-Трето, секогаш поддршката од дома, од тимот или од матичната институција, универзитетот, земјата, се многу значајни и сè како ветер во грб за препознавање на успеси и заедничко издигнување на повисоко ниво на скалата на успехот. Славата на поединецот е слава и за сопствената институција, за земјата, и тоа мора да го сфатиме вака и нема друг начин на интерпретација. Успесите треба да бидaт независно и непристрасно евалуирани, во спротивно селективните или форсирани препознавања, неискрени конкуренции, се болни и тажни, не ги поддржуваат вистинските научници и тие едноставно разочарани се свртуваат и бегаат во туѓи тимови за соработка онаму кадешто ќе бидат препознаени. Значи, најлоша форма на нееднаквост е да се обидеш да ги направиш нееднаквите работи еднакви (изрека од Аристотел).
Во последно време, и овој начин на ,,недоразбирање или неискрена конкуренција,“ е една од причините за бегство од сопствената земја и создавање вредности надвор од Македонија, творештво под името на туѓи институции.
На крај би завршила со тоа: дека светот е гладен за повеќе знаења отколку за дипломи (ова е парафразирано од една изрека на Мајка Тереза), а токму знаењето е богатство кое може да го поседуваме неограничено без да стравуваме дека ќе бидиме ограбени.






