Press "Enter" to skip to content

Прва официјална посета на евроамбасадорот Рокас на Битола

Денес, во кабинетот на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, заедно со секретарот Борче Димитровски остварија прва официјална средба со Евроамбасадорот Михалис Рокас и неговите соработници. Евроамбасадорот оствари средба и со советниците од Советот на општина Битола.

На средбата градоначалникот Коњановски истакна:

-Почестен сум што првата официјална посета на евроамбасадорот Михалис Рокас е токму во Битола и што јас како градоначалник сум негов домаќин. Битола е европски град пред сите други во радиус од 1000 километри околу нас. На денешната средба, разговаравме на повеќе битни теми поврзани со соработката на општина Битола со ЕУ и како истата во иднина може да се надградува. Навистина ми е драго што во Битола како град со богата култура, историја и традиција, токму во Офицерски дом, еден од најзначајните историски споменици во нашиот град, работи ЕУ Хаус, што е пример за директна соработка на општина Битола до делегацијата на Европската унија, токму во објект реконструиран со поддршка на фондовите на ЕУ. Го информирав евроамбасадорот за двата проекти „Just transition across the borders” и „In-Herit” кои се во фаза на евалуација на повикот за погранична соработка со Република Грција, кои се надеваме дека ќе бидат одобрени и ќе се имплементираат во текот на 2025 и 2026 година, но исто така и за реализацијата на проектот Smart4you2. Уште една значајна тема е поддршката на ЕУ за изградбата на пречистителната станица во Битола, проект кој по трет пат е во фазата на евалуација и се надеваме дека овојпат ќе има успешна завршница и ќе почне да се имплементира во првата половина на 2025 година. На крај, но не најмалку важно, разговаравме за поддршка од страна на евроамбасадорот за поголема поврзаност на нашиот регион со северна Грција и пограничните места, бидејќи како град кој се наоѓа на само 14 километри од границата сме спремни проактивно да се вклучиме во подигнување на нивото на соработка помеѓу двете држави и уште поголема отвореност во делот на туризмот, трговијата, економијата. Во овој контекст би сакал да споменам за првпат пред јавноста, дека посакувам Општина Битола ја обнови пријателската соработка со градовите Кожани и Воден, од минатото, како и да се збратимиме со уште еден град од Р. Грција и оваа иницијатива и замолницата за поддршка ја искажав и истакнав на евроамбасадорот.На прес-конференција во Битола, евроамбасадорот Рокас нагласи дека очекува овој пат и Европската унија да може да испорачува резултати со забрзана динамика.

-Од новиот состав на Европската Комисија треба да очекувате многу напорна работа. Процесот на проширување на Европската унија е врвен приоритет за самата Европска унија. Како сведоштво или како доказ за тој врвен приоритет е тоа што имаме комесар за проширување, а имаме и политички директор кој што ја има функцијата за проширување. Значи ги имаме сите алатки на раполагање и треба да ги ставиме во дејство од првиот ден на работата на новиот состав на Европската комисија. Ние како Делегација на ЕУ заедно со мојот тим и сите други членки на ЕУ тука присутни, остануваме посветени на самиот напредок за да може да ги искористиме сите можности кои ЕУ ги нуди. Имаме на располагање различни финансиски механизми, како што е Планот за раст на Европската комисија и исто така реформската агенда на самата Влада. Очекувам ние како ЕУ, овој пат и ние да можеме да испорачуваме резултати со многу забрзана динамика, истакна Рокас.

More from ВестиMore posts in Вести »