Press "Enter" to skip to content

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО Битола – професорката Билјана Трајковска од Факултетот за биотехнички науки

По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници.

Трето место во категоријата Најдобар и Најплоден научник на УКЛО добива професорката Билјана Трајковска од Факултетот за биотехнички науки– Битола.

УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?

-Промоцијата на науката преку избор на најдобрите научници е значајна иницијатива на УКЛО. Таа поттикнува мотивација и признавање на трудот на истражувачите, но и ја истакнува важноста на научната работа за развојот на општеството. Науката не е само професионална обврска, туку и клучен двигател на иновации и напредок, кои директно придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважнотонаучно достигнување во оваа академска година?

-Моето поле на научна опсервација е хигиената и технологија на производи и суровини од анимално потекло и сензорна анализа, со посебен акцент на млеко и млечни производи. Најзначајното научно достигнување оваа година беше следење на квалитетот на функционален млечен напиток – матеница, со цел намалување на отпадот на храна.

Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?

-Следен предизвик е работа на иновативни проекти кои би имале и апликативен карактер во индустријата на млеко, како и работни студиски престои на повеќе странски универзитети.

Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?

-Да се биде научник значи континуирано учење, посветеност и љубопитност за нови знаења. Научникот треба да ја разбира својата одговорност кон општеството и да создава решенија кои носат промени. За попродуктивен научно-истражувачки процес потребни се:финансиски средства, пристап до ресурси, поголема меѓународна соработка и вмрежување и најзначајното поддршка за млади истражувачи, бидејќи во нив е иднината на нашето општество. Овие чекори ќе овозможат зголемување на квалитетот и објавување на влијателни научни трудови.

More from ВестиMore posts in Вести »