Press "Enter" to skip to content

Делегација од Општина Битола на прославата на Св. Никола патронот на Епинал во Франција

Делегација на Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, заедно со секретарот Борче Димитровски и почесниот конзул на Р. Франција Калиопа Кривашија Стилиновиќ, беа дел од прославата на патронот на збратимениот град Епинал – Св. Никола.

За време на посетата делегацијата на Општина Битола имаше можност, заедно со делегациите на збратимените градови од Германија, Белгија и САД да проследи многу добро осмислена програма. Беа организирани посети на општински институции, старт-ап инкубатори и други структури каде се реализираат проекти  иницирани од локалната власт.

Размената на искуствата и добрите практики со оваа француска општина претставуваат одлична можност за обезбедување одржливо партнерство, но и примена на искуствата во некои сегменти од функционирањето на Општина Битола.

Во духот на веќе докажаната соработка се одвиваа официјалната и останатите бројни средби со градоначалникот на Епинал, г – дин Филип Нарден и дел од неговите најблиски соработници. Акцентот во разговорите се стави на две значајни теми за Општина Битола – цивилната заштита, односно опремувањето на новата зградата за противпожарна заштита која е во изградба како и урбаната мобилност, во којашто Епинал има исклучителни резултати на европско ниво. Исто така, не помалку значајни се и новите можности за културна размена помеѓу двата градови, како и размената на ученици која беше долги години традиција и која ќе се обнови веќе од идната година.

Битола и Епинал ги врзуваат 56 години пријателство. Тоа е најдолгото збратимување помеѓу македонски и француски град.

 

 

More from ВестиMore posts in Вести »