На денешната прес конференција која се одржа во Народниот театар Битола, директорот Васко Мавровски ги најав двете детски претстави кои се во рамките на програмата на НТБ на претстави за најмладите и мотото “Театарот повторно на децата“.
Премиерата на “Снежана и седумте џуџиња“ ќе биде изведена на 23 декември во 18 часот, а само два дена потоа и премиерата на детската новогодишна претстава “Снежната кралица“ која ќе биде на репертоарот до 30 декември.
-Во театарската изведба на “Снежана и седумте џуџиња“ публиката ќе биде сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик, од прекрасната Снежана, низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица, оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска, рече директорот Васко Мавровски.
-Мило ми е што сум дел од ваков проект бидејќи играме пред најискрената публика и се надевам дека децата кога ќе излезат од салата ќе имаат нова љубов кон театарот, добра поука и насмевка“, рече актерката Ана Грамосли.
-Месец и половина работиме многу сериозно, напорно и ретко во нашите кариери се случува да сретнеме луѓе кои некогаш ќе чепнат во нешто друго кое го носиме, но сме го сокриле некаде. И покрај тоа што станува збор за детска претстава, пристапот е сериозен, сите бевме максимално вложени.Оваа комбинација од Драгана и Игор направи одлична работа, постигнавме нешто што не бевме свесни дека можеме, сите танцуваме, направија одлични сцени. Поместивме граници и на естетиката и на тоа што значи театар за деца со сите можности кои ги имаме во Битолскиот театар, додава актерката Јулијана Мирчевска.
Претставата „Снежната кралица“ е работена со поддршка на Општина Битола и ќе се игра во рамките на Зимската приказна. Ќе има 8 изведби. Работена е според бајката на Андерсен, режија Јулијана Мирчевска, костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев. Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Хари Михајловски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Михајлова, Огнен Дранговски, Марија Стефановска,Петар Спировски, Никола Пројчевски и Живко Борисовски. Музиката е на Миодраг Неќак.