По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници.
Пофалници во категоријата Најплоден научник на УКЛО и Најплоден млад научник на УКЛО се доделени на пред. м-р Денис Арсовски од Високата медицинска школа – Битола.
УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?
-Промоцијата на науката на Универзитет ‚‚Св. Климент Охридски‘‘ Битола претставува значаен чекор кон создавање на академска култура и поттикнување на истражувачкиот дух кај професорите и студентите. Втора година по ред да бидам избран за еден од најплодните научници на Универзитетот за мене не е само голема чест, туку и потврда за важноста на трудот и посветеноста кои ги вложувам во научната дејност. Науката на УКЛО не само што го зголемува квалитетот на високото образование, туку и отвора врати за нови соработки, ја подига свеста за важноста на истражувањето и го збогатува општеството со нови знаења. Овие иницијативи ја зајакнуваат положбата на УКЛО како институција со значајна улога во нашето општество.
Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважното научно достигнување во оваа академска година?
-Моето поле на научна опсервација е рехабилитацијата, со фокус на медицинската рехабилитација, како и специјалната едукација за лица со моторна попреченост. Особено внимание посветувам на интердисциплинарните истражувања кои ги поврзуваат медицината и социо-педагошките стратегии за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост. Најважното научно достигнување за оваа академска година е мојот труд објавен во Scopus-цитираното списание International Journal of Therapeutic Massage and Bodywork. Станува збор за лонгитудинално истражување кое го истражува влијанието на медицинската масажа врз намалување на болките во вратот кај различни работоспособни групи. Овој труд ја доби својата вредност не само поради комплексноста на методологијата, туку и поради уникатноста на темата, бидејќи масажата е ретко истражувано поле кое бара истовремено научен и уметнички пристап. Особен аспект на ова достигнување е фактот дека трудот, објавен во септември остана меѓу петте најчитани трудови во списанието до денес. Ова покажува дека не само што мојата работа е препознаена на меѓународно ниво, туку и дека ова поле на истражување има практична и глобална релевантност. Ова достигнување ме мотивира да продолжам со истражувања кои ќе ја унапредат рехабилитацијата како наука, но и како практична дисциплина.
Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?
-Мојот следен предизвик е продолжување на истражувањата во областа на рехабилитацијата, особено во насока на унапредување на пристапите кои помагаат во подобрување на функционалната независност и квалитетот на живот на лицата со моторна попреченост. Како докторанд, голема инспирација за истражувачки поттик ми дава мојата почитувана менторка, проф. д-р Наташа Чичевска Јованова. Покрај тоа, мојот предизвик е да го поврзам академското знаење со практичните потреби на рехабилитацијата во нашето општество, преку развој на нови наставни програми и воведување на иновативни методи за едукација на студентите во областа на физиотерапијата. На интернационално ниво, планирам да ја проширам соработката преку учество во многу проекти кои овозможуваат размена на знаења и искуства меѓу академските и стручните заедници. Сепак, мојот најголем предизвик останува да ги инспирирам младите истражувачи и студентите со кои работам да го прошират својот хоризонт и да ја препознаат науката како моќна алатка за промена.
Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?
-Да се биде научник значи да се има постојана љубопитност, посветеност кон откривање на нови знаења и упорност да се одговори на прашањата што го унапредуваат општеството. Тоа е процес на постојано учење, истражување и споделување на откритијата со пошироката заедница, не само за да се придонесе кон науката, туку и за да се поттикне позитивна промена во светот. Науката бара истрајност и посветеност, но со правилна поддршка и инспиративна средина, секој научник може да даде значаен придонес кој не само што ќе ги унапреди научните дисциплини, туку и ќе го подобри и животот на луѓето.






