Жанета Ристевска
Пред Божик, зад Божик кај да си, дома да си…, а и во Битола да си. Уште од дамнина се почитувало ова правило дека најдобро и најубаво за Божик да си дома со семејството бидејќи магијата на Новогодишните и Божикните празници најпрекрасно се доживува и чувствува во домот и семејството. Таа магија започнува уште со украсувањето на домот, декорациите на новогодишната елка, сијаличките кои трепкаат, божикните мелодии кои се шират насекаде… Нивните мајки им ја доловуваат оваа новогодишно – божикна бајка во нивниот топол дом, со голема љубов и внимание.
Во измислениот свет на бајки и приказни, децата се претвараат дека се дел од него и така се внесуваат. Тука се соочуваат и учат за добро – лошо, правилно- неправилно, праведно- неправедно… Победа на доброто над злото…
Се смета дека децата кај кои родителите се радуваат на празниците, тука се разбира и во ликот на Дедо Мраз, кој желно се исчекува, кај нив се развива чувството за праведност, дарежливост, добрина, желба да се наградува за добри дела и дели со други, еден ден, (особено за празниците).
Своите домови ни ги отворија нашите сограѓанки, кои ги искажаа и своите размислувања на оваа тема.
Фотографиите се тука да ја доловат таа магична атмосфера и зборуваат повеќе од илјада зборови. Фотографии кои разнежуваат, бидејќи децата се нашето богатство и иднина. Честитки за здравје, среќа, радост и бериќет во Новата 2025 година од прекрасните домови на Билјана, Елена, Елизабета, Ивана, Јасмина и Ружица, и нивните семејства, секако претставени по азбучен ред на нивните имиња.
Билјана Митковска – професорка во ОУ “Елпида Караманди“ Битола
Завршувањето на годината воедно означува и нов почеток. Тоа циклично повторување само по себе значи ново раѓање, се раѓа нова надеж, со желба да заборавиме на она кое сакаме да го оставиме зад нас и да се насочиме кон она што го носи почетокот на тој нов круг. Секако кога станува збор за ново раѓање и нова надеж, во нашата вера и традиција тоа е Христовото раѓање, кое секоја година го славиме во кругот на семејството и со најблиските. Славењето на името на нашиот син Кристијан е само еден дел од мозаикот кој го јакни духот на заедништвото.
Сите ние мора да разбериме дека силата ја црпиме од слогата и мирот во семејството, кои не учат цврсто да веруваме во љубовта, која како животна мисија мора да ја шириме и надвор од семејството. На крај мора да научме да се радуваме на животот со сите предизвици кои тој ги носи, зошто патот до духовна благосостојба е поплочен со бројни искушенија преку кои зрееме и стануваме подобри од вчера. Мојата порака за Новата 2025 година е да се сакаме и да си помагаме, да си служиме едни на други што повеќе, па во мир и спокој сите да имаме добро здравје.
Елена Трајчевска – маркетинг директор на “КС Групација“
-Декември е најдолго очекуваниот месец во годината за моите девојки. Со нетерпение го очекуваат моментот кога ќе ја декорираме новогодишната елка, кога ќе ставиме нејзината ѕвезда и кога ќе ги запалиме сијаличките кои создаваат магична атмосфера во домот. Нова година е време на радост, љубов и споделување на среќа со најблиските. Мајките, како што знаеме, имаат посебен начин да ги пренесат своите чувства, полни со емоции и нега.

Празниците често може да бидат бурни и стресни, со премногу работи кои треба да се завршат, а понекогаш премалку време, особено поради моите професионални и работни обврски. Но, Коледе, Бадник, Божиќ се најсветлите денови во нашиот дом, исполнети со топлина, љубов и внимателност, што ги прави сите напори вредни. Со овие зборови, сакаме да ги пренесеме нашите најубави желби за сите:
„Ви посакуваме среќна и успешна Нова година, исполнета со љубов, топлина и пријателство. Нека секој ден во новата година ви донесе радост и нови можности за растење и среќа. Со љубов, Елена, Софија и Евгенија.“
Елизабета Кочева – Јосифовска, маркетинг менаџер во “ЈК Травел“
-Божиќ е многу повеќе од празник – тоа е време кога семејството и љубовта се на прво место. За децата, Божиќ е момент на чудо, радост и нови спомени кои ќе траат цел живот. Но, за нас возрасните, тоа е време кога ја разбираме вистинската вредност на заедништвото и топлината која ја носи семејството.
Ги сакаме овие празници бидејќи во нив уживаме сите заедно. Давид, Ана и Ема се деца кои се радуваат на зимскиот распуст, на подароците кои ги добиваат за време на празниците, на целата еуфорија која ја носат овие денови. Китењето на новогодишната елка, правењето на нашите новогодишни колачи се моменти во кои ние уживаме заедно.
Ви посакуваме Божиќ исполнет со љубовта, радосни моменти поминати со семејството
Ивана Карајанова, специјален едукатор и рехабилитатор во ОУ “Кочо Рацин“ Битола
-Декември… Дванаесеттиот месец кој со себе ја собира сета магија на сите единаесет кои изминале. Кога ќе направам рефлексија на годината која одбројува до крајот се заблагодарувам за секоја воздишка, за секој изминат миг, за секоја насмевка, за секоја солза радосница… Дом е секое место каде што живее љубовта, па нашиот заедно со моите посилни половини го украсуваме со сите волшепства кои ги даруваат новогодишните празници. Како што ја китиме новогодишната елка со внимание, трпение и љубов така треба да го китиме секој следен ден од годината која ни доаѓа. Како новогодишна елка, доволно е само да трепкаме и да се смеееме малку повеќе од вчера и така секој нареден ден… Топлината и убавината на новогодишните празници е во магијата на споделувањето среќа, а таа се шири и пренесува само преку убавите зборови.
Затоа, овие денови не штедете на убави мисли, напишете по некоја честитка и споделете ја со оние кои ги сакате. Сигурно сите се сеќавате на она неописливо пријатно чувство кога ќе си најдеме некоја скриена честитка под училишната клупа или пак под чергичето пред нашиот дом. Пишувањето на честитки е како добар стар евергрин кој никогаш не излегува од мода , па во нашиот дом ритуалот на пишување честитки за најдрагите е неизбежен.
А, кога надвор царува зима кој би можел да одолее на течно топло чоколадо? Синот Коста го обожава овој напиток, па после ноќна зимска прошетка низ магичната Битола си ја загрева и засладува душичката со топла чоколадна шолјичка.
Јасмина Бунева Талевска, проректор на УКЛО Битола
-Празничната магија не опкружува! Да си посакаме 2025 година да биде лесна година, да ни биде посреќна, поуспешна и бериќетна!
Да бидеме здрави, насмеани, вредни, упорни, храбри, да бидеме помудри, трпеливи и достоинствени.
Среќна Нова 2025.
Ружица Ѓоршевска – новинар во МТВ
-Свети Димитрија, Свети Никола, Нова година, Бадник и Божик, Православна Нова година и Всилица па се до Богојавление-Водици и Христовото крштевање. Празниците носат многу позитивна енергија. Сплотуваат и обединуваат не само меѓу градовите, туку и меѓу државите. Љубовта кон ближниот враќа некого и од други континенти само да бидат на заедничка празнична трпеза со саканите. Празниците се чувари на љубовта, тие се потсетници за хуманоста и за добрите дела! Откако се роди нашиот син Михаил кај нас 365 дена годишно е како празник!
Михаил сеуште е многу мал, има само две години. Но, како мајка се обидувам уште од најрана детска возраст да му всадам здрави навики и хумани вредности. Сакам да разликува добро од лошто, да биде хуман, да дели со другарчињата, да биде добронамерен и да почитува. Имаме уште многу за учење. Целиот живот е пред нас. Не само децата, туку и ние возрасните.

Празниците се тука да не потседат на сите добродетели. На дружбата. На социјализацијата. За нашиот син ова беше едно големо и среќно доживување. Стотици деца со звезди во рацете сплотено пејат и се радуваат. Вистинска магија. Во воздухот се чувствуваше неверојатна позитивна енергија и обединетост преку Христос.
Празниците обединуваат. Не подучуваат и потсетуваат. Не радуваат и благословуваат. Не прават подобри луѓе.
Фото: приватни архиви






