Press "Enter" to skip to content

Пелистер поразен на дербито со МЗТ Скопје

МЗТ Скопје – Пелистер 82:62

Kошаркарите на Пелистер од Битола не успеаја да ја продолжат успешната серија од крајот на 2024 година откако во премиерниот дуел од новата календарска година загубија со 82:62 на гостувањето против МЗТ Скопје.“Металците“ одигра на највисоко можно ниво, го диктираа темпото и резултатот во текот на целиот натпревар и заслужено славеа.

Самиот почеток донесе сериозни проблеми во нападот за “зелено-белите“, кои во првите пет минути не успеаја да постигнат ниту еден поен, а МЗТ поведе со 10:0. Бојиќ стрелаше со „два плус еден“ во шестата минута од мечот, но кризата во нападот на Пелистер продолжи, па до крајот на четвртината прецизно по една беа само Едвардс и Ташовски, а домаќинот го заврши овој дел од мечот со убедлива предност од 20:7.

Стајиќ и Антоан беа прецизни на почетокот од вториот период како најава за подобра игра во нападот, но „пелистерци“ не успеаја да се приближат посериозно бидејќи и МЗТ рутински ги решаваше своите напади и ја одржуваше предноста. Најголемата негатива во овој дел од мечот изнесуваше 19 поени (33:14), за на одмор Пелистер да замине со „минус 15“ (39:24).
Поените на Костоски и на Антоан донесоа спуштање на разликата под десет поени (41:32, 43:34), но тоа беше се што Пелистер успеа да стори, бидејќи МЗТ Скопје со нова серија ја зголеми предноста. Дамјан Крстевски постигна две тројки пред крајот на третата четвртина и намали на 59:47, но Пелистер немаше сили за целосен камбек, па „сино-белите“ од Аеродром рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 82:62.
Стајиќ и Антоан со по 14 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер, 10 поени постигна Бојиќ, а со девет поени дербито го заврши искусниот Александар Костоски.

Пелистер од денешниот пораз дефинитивно ќе извлече многу поуки за напредок и подобри изданија на натпреварите што следат.

Пелистер во следната рунда ќе му гостува на тимот на Куманово.

More from ВестиMore posts in Вести »