По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници.
Второ место во категоријата Најплоден научник и пофалница во категоријата Најдобар научник на УКЛО се доделени на проф. д-р Благој Ристевски од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.
УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?
-Промоцијата на науката на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола има клучно значење за севкупниот општествен развој бидејќи научната дејност ги поттикнува иновациите, технолошкиот напредок и овозможува развој на нови знаења коишто можат да бидат применети во сите останати области. Компјутерските науки, информатиката и компјутерското инженерство ја обликуваат иднината на новите технологии и влијаат врз начинот на кој функционира општеството. Тука би ги истакнал улогата на вештачката интелигенција, науката за податоци и аналитиката на големи количества податоци (Big Data) и сајбер безбедноста. Поконкретно, вештачката интелигенција е една од најбрзо растечките области чија примена е во сите останати сфери. Нејзината промоцијата е од суштинско значење, бидејќи има потенцијал да ја трансформира економијата и да овозможи нови решенија на актуелните глобални предизвици. Од друга страна, со експоненцијалниот раст на генерираните податоци, науката за податоци и Big Data аналитиката има клучна улога во современото општество. Сведоци сме дека секојдневно се случуваат сајбер напади и загрозувања на приватноста на податоците и затоа истражувањата во областа на сајбер безбедноста се исто така многу важни.
Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважното научно достигнување во оваа академска година?
-Полињата на мојот научен интерес се однесуваат на неколку важни области и тоа: примена на машинското учење за анализа на здравствени и медицински податоци, наука за податоци, аналитика на големи количества податоци и дигитализација во високото образование. Во минатата академска 2023/2024 година, најважните научни достигнувања за мене беа објавувањето на научни трудови во реномирани списанија и меѓународни конференции. Во неколку трудови беше разгледена примената на моделот на дигитални близнаци во високото образование, како и примена на техниките на податочното рударење во универзитетски информациски систем, додека во други трудови фокусот беше ставен на примената на машинско учење и анализата на медицински податоци за предикција на Алцхајмеровата болест, како и на анализата на податоци за кардиоваскуларни заболувања. Исто така заедно со меѓународна група на автори- соработници објавивме труд за дигитални биолошки колекции.
Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?
-Истражувањата од областите на машинското учење, анализата на медицинските податоци, биоинформатиката, сајбер безбедноста, технологијата на блоковски вериги и науката за податоци ќе бидат мои следни предизвици. Притоа, мора да се земат предвид и предизвиците, како што се: квалитетот и достапноста на податоците, приватноста и заштитата на податоците, интеграцијата на хетерогените податоци, нивното прикажувањеи интероперабилноста помеѓу различните системи.
Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?
-Да се биде научник во денешно време е предизвик за откривање на нови знаења и опфаќа посветеност за континуирано учење, истражување и споделување на резултатите со пошироката научна заедница. Научникот треба посветено да ги анализира, решава и истражува новите предизвици на современото општество, со примена на соодветна научна метододологија. За да се овозможи попродуктивна научно-истражувачкабработа, потребно е да се создадат услови за истражување кои ќе поттикнат креативност и иновации. Еден од клучните фактори е обезбедување на ресурси за истражување, како што се достапност на податоци, опрема и софтвер. Соработката меѓу научниците, како и поттикнувањето на младите истражувачи да се вклучат активно во научно- истражувачката работа е исто така многу важен фактор. Во таа насока, во академската 2023/2024 година на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола беа формирани 4 лаборатории и тоа: Лабораторија за бази на податоци, програмски технологии и е-учење, Лабораторија за организација на компјутерски системи и компјутерски мрежи, Лабораторија за виртуелно инженерство и апликации и Лабораторијата за развој на идни вештини и старт-ап бизниси.
Дополнително, би го истакнал и фактот дека е многу важно помладите колеги да се поттикнат да пишуваат научно-истражувачки трудови и истите да ги објавуваат во реномирани научни списанија со фактор на влијание, индексирани во базите Web of Science и Scopus, што според мене е од суштинско значење за напредокот на научно-истражувачката дејност на ниво на Универзитетот, и воопшто на национално ниво.






