Press "Enter" to skip to content

Пораз на кошаркарите на Пелистер на гостувањето против Кожув

Кожув – Пелистер 91:73

Кошаркарите на Пелистер во рамките од 16. коло го претрпеа шестиот пораз во прволигашката конкуренција откако вечерва загубија на гостувањето против Кожув со резултат 91-73, во натпревар во кој домашниот тим беше подобар на теренот и заслужено се радуваше на победата.

„Пелистерци“ имаа контрола над резултатот само во првите пет минути, во кои избраниците на тренерот Трајковиќ во неколку ситуации имаа и минимална предност. Последната таква ситуација беше во 6. Минута кога со поените на Мишковиќ битолскиот тим имаше минимални 16:17, но потоа следеше серија на Кожув и домашниот тим ја доби првата четвртина со 28:23.

Тоа беше најава за уште потешки 10 минути за Пелистер откако „зелено-белите“ потфрлија и во нападот и во одбраната во втората четвртина (24-12), на одмор заминувајќи со преубедлива негатива од 52-35. Трајковиќ се обиде да направи одредени корекции во играта, но за разлика од претходниот дуел со Гостивар овојпат тоа не вроди со плод, „зелено-белите“ во ниту еден момент не ја спуштија разликата под 10 поени, по што убедливиот пораз беше неизбежен.

Мишковиќ со 19 поени и 11 скокови беше најзабележителен во таборот на Пелистер при овој убедлив пораз, а двоцифрен ефект имаа само уште Бојиќ и Лука Стојановски со по 11 поени.

Пелистер во следното коло од Првата лига на домашен терен ќе го пречека составот на Феникс.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »