Во рамки на одбележувањето на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола одржува активности кои го истакнуваат значењето на јазикот како културен и образовен темел.
Една од првите вакви иницијативи е работилницата „Разлики помеѓу говорниот и стандардниот јазик“, што ја одржа проф. д-р Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет – Битола, која воедно е и член на Координативното тело за одбележување на јубилејот.
Работилницата понуди динамичен пристап кон разликувањето на природниот, разговорен јазик и официјалниот стандарден јазик, објаснувајќи ја нивната улога во формалната комуникација и професионалниот живот. Учесници беа студенти од УКЛО и средношколци од СОУ Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Битола, кои низ интерактивна дискусија споделија лични примери и искуства за влијанието на говорниот јазик врз нивното секојдневно и академско изразување.
Средношколците со голем ентузијазам ја прифатија можноста да бидат дел од ваков едукативен настан, истакнувајќи дека темата била обработена на интересен и разбирлив начин. Тие ја нагласија важноста на ваквите работилници и изразија желба за идни слични активности, бидејќи преку непосреден и забавен пристап добиле нови сознанија за употребата на стандардниот јазик во различни контексти.
Во државната Програма, УКЛО е вклучен и преку дебатниот клуб УКЛО КОЛОРС АргументУМ. Клубот ќе организира низа дискусии за развојот на македонскиот јазик, предводени од проф. д-р Виолета Јанушева и академската раководителка Рената Петревска Нечкоска. Воедно, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе продолжи со активностите во текот на целата година, поттикнувајќи ги младите да го негуваат и унапредуваат македонскиот јазик како дел од нивниот културен и национален идентитет.

Средношколци и студенти од УКЛО Битола во интерактивна работилница за јазичните разлики
More from ВестиMore posts in Вести »
- ЗНАМ на терен во Битола: Силна држава, сигурни граѓани, европска иднина
- ПОДЕМ одбележа 18 години постоење – посветеност на развојот, одговорноста и европската перспектива (фотогалерија)
- СВР Битола: полово вознемирување, закани и повреда, нарушување на ред и мир, украдени 400 литри дизел, приведени 4 лица за возење мопед без возачка
- Деновиве пред 10 години: протести пред Апелација Битола против СЈО и куќниот притвор на Талески (фото)
- Бимилк станува партнер на НУ Народен театар – Битола за поддршка на културата и уметноста





