Press "Enter" to skip to content

Фотоволтаици во уште три основни училишта во Битола

Проектот „Сончеви училишта“, се проширува со уште три основни училишта во Битола. Со потпишувањето на анексот на договорот, се опфатени основните училишта „Св. Климент Охридски“, „Даме Груев“ и објектот наречен турско училиште  во рамките на ОУ „Гоце Делчев“.

Во ОУ „Св. Климент Охридски“ беше извршен технички увид и примопредавање на фотонапонската централа со инсталирана моќност од 40 kW, во присуство на претставници на изведувачот, претставници на донаторите – Фондацијата Отворено општество Западен Балкан, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и претставници на општинската администрација.

Градоначалникот Коњановски изрази задоволство од досегашната соработка и резултатите што ги дава проектот, нагласувајќи дека ваквите инвестиции имаат повеќекратно значење за општината и училиштата. Покрај директните финансиски заштеди преку намалување на трошоците за електрична енергија, производството на електрична енергија од сонцето придонесува и за намалување на емисиите на штетни гасови и заштита на животната средина.

Во првата фаза реализирана во 2024 година, фотонапонски централи беа поставени на шест основни училишта во општина Битола и тоа „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ во село Кукуречани и „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица.

Проценетите годишни заштеди од првичната реализација на проектот во Битола изнесуваат околу 15.000 евра, средства што може повторно да се насочат кон подобрување на условите за настава и реализација на проекти според потребите на училишните заедници.

Со продолжувањето на проектот Општина Битола ги продолжува активностите за енергетска транзиција и создавање поодржливи, енергетски поефикасни и еколошки одговорни образовни установи.