Press "Enter" to skip to content

Работилница на УКЛО Битола: „Современиот македонски јазик во медиумите: Предизвици и перспективи“

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот  јазик, УКЛО Битола одржа работилница на тема „Современиот македонски јазик во медиумите: Предизвици и перспективи“ со учество на академски стручњаци, медиумски професионалци, студенти и средношколци кои дискутираа за улогата и предизвиците со кои се соочува македонскиот јазик во медиумскиот простор.

Темата на работилницата се фокусира на тоа како медиумите, како основни канали за комуникација во современото општество, ја обликуваат употребата на македонскиот стандарден јазик и на кои начини може да се обезбеди негова правилна и квалитетна примена во медиумските содржини. Ова е особено важно за заштита на јазичната култура и за афирмацијата на македонскиот јазик во глобализираниот свет.Модераторот, проф. д-р Виолета Јанушева заедно со студенти и асистенти од Педагошкиот факултет – Битола со посебна внимателност пристапуваат кон оваа проблематика, бидејќи медиумите имаат клучна улога во одржувањето на јазичната норма и во промоцијата на македонскиот јазик како носител на културниот и националниот идентитет. Истражувањата покажуваат дека медиумите можат да бидат значајна алатка за јазична едукација и за зајакнување на свеста за правилната употреба на стандарден јазик. особено што младите генерации, кои се во контакт со странски јазици и новите медиумски форми, често ги менуваат традиционалните јазични норми, што бара внимателна анализа на новите трендови.Работилницата ја збогатија познати медиумски личности меѓу кои, м-р Жанета Здравковска, регионален координатор за Битола на Здружението на новинари на Македонија, новинари од ТВ Тера – Битола, Дивна Грданова Краџовска и Стево Башуровски и главниот уредник на порталот Битола њуз, Сашо Ристевски. Тие споделија свои согледби и искуства за актуелните предизвици и перспективи на македонскиот јазик во медиумите и како медиумите го обликуваат македонскиот стандарден јазик во денешното општество.Покрај нив, на настанот присуствуваше и академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, професорката Рената Петревска Нечкоска, која заедно со професорката Јанушева се носители на активностите на дебатниот клуб УКЛО КОЛОРС АргументУМ и со својот академски пристап и аналитички увид за важноста на јазичната култура и образованието во медиумскиот простот, ја збогатуваат јавната дебата за оваа актуелна тема. Во рамки на работилницата, средношколци од СОУ Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола и нивните ментори се вклучија во дебатата на тема што е најблиска до младата генерација: социјалните мрежи и блоговите и како тие го променуваат македонскиот јазик, користејќи кратенки и англицизми, искуства што ќе им овозможат да ги разгледаат влијанијата на овие промени врз стандардниот јазик и да ја разберат важноста за неговото зачувување во дигиталниот простор.

Претходно, во рамки на Програмата за одбележување на јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, УКЛО одржа работилница  на тема, „Разлики помеѓу говорниот и стандардниот јазик.УКЛО продолжува да го поттикнува развојот на македонскиот стандарден јазик, со цел негово зајакнување во академскиот и медиумскиот простор. Активностите што ги реализира се насочени кон поттикнување на критичко размислување и промоција на македонскиот јазик како основа за личен, професионален и општествен развој.

More from ВестиMore posts in Вести »