Годинешното 8. по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, започнува денес и на него битолчани ќе можат да проследат повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола, како и во неколку кафе барови.
-Ние почнавме во 2011 година и ако изброиме се повеќе од 14 години, со работилниците Jazz Factory for Kids, кои во 2018 година прераснаа во фестивалот кој што денес го живееме. Инаку ние, секоја година се трудиме максимум со нашите средства, да стигнеме до програма која што ќе ги заинтересира пред себе жителите на Пелагонискиот регион, истакна на самиот почеток директорот и основачот на фестивалот Сашо Поповски.
Фестивалот ќе биде отворен вечер од 20 часот во Народниот театар во Битола со настапот на Laurant Coulondre (Француската Република). Тој е врвен француски џез пијанист, познат по својот иновативен пристап кон музиката. Добитник е на неколку престижни награди и соработувал со истакнати џез уметници како Paul Jackson и Pierre de Bethmann.
Од 21 часот е настапот на Corey Wilcox и WORKING CLASS HEROES, (Соединети Американски Држави). Wilcox е мултиинструменталист со неверојатна техничка вештина и музичка разновидност. Како долгого- дишен член на Jazz At Lincoln Center Orchestra, настапувал на светски сцени како Carnegie Hall и Newport Jazz Festival.
Оваа година во програмата е и Џез работилницата за деца, што е од исклучително значење за едукација на младите и создавање џез публика.
-Младите треба да се запознаат дека постои малку поразлична музика од таа што им се сервира секој ден и дека музиката од цртаните филмови може да биде изведувана во живо на инструменти. Создавањето на публика не зависи само од фестивалот, потребно е да се има сериозен џез клуб во Битола, нешто што долги години ние го немаме и мислам дека тој дисбаланс кој што се јавува во моментов е токму поради тоа што сега уште немаме сериозен џез клуб во градот, па можеби сето ова ќе поттикне некого за постоење на истиот.
Ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“, која се доделува во чест на еден од најзначајните македонски џез музичари. Таа има за цел да поддржи и инспирира нови генерации џез артисти.
-Јас ги познавам тие млади луѓе како професор и имаат многу јак импакт во џез сцената во моментот. Теодор е едно многу талентирано момче кој е дипломец и има многу светла иднина пред него, и ние со оваа награда би сакале да ги засилиме тие негови аспирации. Тој е човек кој ја сака премногу џез музиката, така што ние од се срце му посакуваме се најдобро. Наградата ја доделуваме секоја година во соработка со општина Битола и го носи името на битолчанецот Гоце Димитровски. За првпат од оова година, наградата нема да биде само диплома или сертификат, ние ќе го испратиме Теодор на 7-9 дневен мастер клас на Нишвил фестивалот.
Џезот во образованието е исто така од клучно значење за развивање на џез сцената.
-Нашиот оддел во Штип пред 10, 11 години предложи изборни предмети по џез во трета и четврта година во средните музички училишта да се изучуваат, за жал тој предлог сеуште стои во фиока. Треба џез музичар, професор да ги предава тие предмети, а за тие професори има сеуште затворени врати. Мислам дека отворањето на вакви насоки во средните музички училишта ќе доведе до зголемување на бројот на учениците, бенефит имаат и училиштата со самото тоа. Тоа е нешто што ние во наредните 5 години ќе се трудиме да го има.
На 18 ти, во 11 часот следува претставување на книгата на Ненад Георгиевски, Press and play, книга која ја истражува македонската музичка сцена. Веќе во 12 часот во Битолскиот театар е работилницата на светски познатата саксофонистка Swantje Lampert од Австрија. Концертната програма започнува во 20 часот со настапот на Триото на пијанистот Jaume Miquel од Кралството Шпанија. Од 21 часот следува настапот на саксофонистката и композиторка Swantje Lampert. Од 22 часот во Паб Бурбон Стрит Битола , настапува квартетот на Јован Цветковиќ од Македонија.
На 19 ти, концертната програма започнува со битолчаните КОД 369, следува настапот на JFF Little Big Band, диригент Тони Китановски од Македонија. На 19 Април, од 10:00ч во соработка со Здружението Пелагонија следува Годишна конференција на Асоцијацијата на џез фестивали, со цел размена на искуства и поддршка на европскиот џез.











