Press "Enter" to skip to content

Велигденски концерт во Битола: Преминот меѓу звукот и тишината

-Вечерва големата сала на Центарот за култура – Битола ќе биде сцена за еден исклучителен настан во организација на КИЦ Битола. “ПРЕМИН 25, новиот музички и сценски проект на Горан Трајкоски, ја брише границата меѓу жанровите, медиумите и сетилата – создавајќи искуство што не се слуша само со уши, туку се прима со целото битие, истакнува организаторот.

Познат како гласот на македонскиот немир и духовно преиспитување, Горан Трајкоски – преку својот пат од култните Мизар и Анастасија до современите експериментални проекти – останува автентичен креатор на звук кој носи и корен, и бунт.“ПРЕМИН 25 е роден токму во велигденската недела, како лична и колективна метафора за минување, преобразба, за таа тивка, внатрешна трансформација што ја чувствуваме, но ретко ја именуваме”-додаваат од КИЦ.

На сцената ова патување ќе го раскажат: Камерниот оркестар на Битола, под водство на маестро Владимир Димовски, вокалните интерпретации на Тања Царовска, Ана Митоска и Петар Христов, и сценографската и режисерска визија на Дејан Пројковски, уметник кој знае да претвори музика во светлина, движење и здив. ПРЕМИН 25 нема да биде само концерт.

Тоа е премин меѓу звукот и тишината, меѓу видливото и невидливото, меѓу личното и универзалното.

Концертот е бесплатен, а настанот во организација на КИЦ Битола, е реализиран со поддршка од НУ Центар за култура – Битола, Народен театар – Битола и Општина Битола.

21.04.2025 | 20:00 | Центар за култура – Битола Влез слободен | Ограничен број места.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »