По повод 25 април – Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, денес се одржа традиционалниот натпревар во ораторство УКЛО ТРИВИУМ 2025, во организација на Универзитетското студентско собрание.
Настанот се одржа во свечена атмосфера, со присуство на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, проректорите: Јасмина Буневска Талевска, Јове Димитрија Талевски и Цветко Андреески, претседателот на Сенатот, Филип Поповски, генералниот секретар, м-р Теодора Михајловска, декани, професори, студенти и гости.
Во своето обраќање, претседателот на УСС, Димитар Атанасовски, истакна дека студентите се движечка сила на УКЛО и важни носители на одлуки во рамки на универзитетските тела, а УКЛО ТРИВИУМ е потврда за нивното залагање, за развој на критичката мисла, градење демократска култура и почитување на академската слобода.
Учесниците на ТРИВИУМ добија слобода да говорат на теми кои им се блиски, притоа отворајќи значајни општествени прашања и изразувајќи лични ставови и идеи.
Тричлената комисија составена од професорките: д-р Билјана Граматкоски, д-р Изабела Филов и д-р Снежана Саламовска ги оцени настапите и ги избра најдобрите: прво место, Ана Анастасова од Педагошкиот факултет – Битола, Теодора Христовска, второ место, студент од Економскиот факултет – Прилеп и трето место за Дарко Трпковски од Правниот факултет – Кичево.

Со врачување на наградите и повторен настап на првонаградениот учесник, Ана Анастасова натпреварот официјално заврши, а присутните беа поканети на дружење во чест на празникот на УКЛО.
Според раководаството на УКЛО, ваквите манифестации се директен израз на заложбата на Универзитетот за поддршка на интелектуалниот раст на студентите и нивното охрабрување да станат лидери на мислењето, носители на позитивни општествени промени и чувари на универзитетскиот дух.
Неподелен е и ставот на организаторите од УСС УКЛО, бидејќи, особена вредност на овие процеси претставува учеството на УКЛО во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, која обезбедува наднационален контекст за академска соработка, мобилност и иновација.
Преку ова партнерство, Универзитетот се позиционира како супериорен и визионерски ориентиран универзитет на иднината – отворен, креативен и длабоко посветен на градењето на студентите како глобално свесни, општествено одговорни и интелектуално независни индивидуи. 











