Press "Enter" to skip to content

УКЛО отворен ден 2025 продолжува со богата програма денес и утре во Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола продолжува со одбележувањето на УКЛО Денови 2025 со низа настани кои ќе се одржат на 25 и 26 април, на неколку локации во градот.

Денеска 25 април, активностите ќе се одвиваат во Офицерскиот дом, каде што во 11:00 часот ќе започне свеченост проследена со панел-дискусија. Настанот ќе продолжи во 12:00 со сесија посветена на „Перспективите на УКЛО“, каде учесниците ќе дискутираат по методологијата World Caffe, во неформална атмосфера.

Во 13:30 часот ќе се одржи настанот „Корени и крилја“ во рамки на иницијативата #COLOURSjuniors, на кој ќе се доделат сертификати на учесниците од средните училишта од државата, учесници на истоимениот конкурс. Програмата ќе продолжи со музички настап на платото пред Офицерскиот дом под мотото „УКЛО и пријателите“, а веднаш потоа, со почеток во 14:30 часот, ќе се одржи панел-дискусијата „Жените во енергетиката“, на која ќе се дебатира за родовата застапеност во овој значаен сектор.

Во сабота, 26 април, програмата се сели пред Студентскиот информативен центар, од каде што во 11:00 часот ќе започне настанот „УКЛО ВЕЛО / УКЛО МАРШ“, со организирано движење пеш или со велосипеди до манастирот „Св. Атанас“ во селото Смолево. Денот ќе заврши со заеднички пикник во природата, започнувајќи од 12:00 часот.

Програмата за УКЛО Денови 2025 е насочена кон поттикнување на академска дискусија, вмрежување, како и неформално дружење помеѓу студентите, кадарот и пријателите на универзитетот.

Настаните се одвиваа во присуство на меѓународни академски гости. Посебно значење на манифестациите им дава присуството на проф. д-р Хаике Траутман, новоизбрана претседателка на КОЛОРС Алијансата, д-р Анете Клинкерт, директорка на КОЛОРС и д-р Крис Шатка, одговорен за квалитет на Алијансата.

Раководството на УКЛО, предводено од ректорот проф. д-р Игор Неделковски, академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, професорката Рената Петревска Нечкоска и проф. д-р Мимоза Богданоска Јовановска, одговорна за колаборативен простор УКЛО КОЛОРС, со задоволство посочуваат дека на овој начин се потврдува стратешката ориентација на УКЛО кон интензивирање на меѓународната соработка и европеизација на академската култура на УКЛО.

More from ВестиMore posts in Вести »