„Зелено-белите“ имаа причина да бидат разочарани откако по голема борба го загубија првиот меч од овој ривал, вкупно трет пораз за „пелистерци“ од Работнички оваа натпреварувачка сезона. Лекцијата е научена, па кошаркарите на Ненад Трајковиќ се оптимисти дека денеска ќе успеат да одговорат на предизвикот и да стигнат до посакуваната победа.
-Лошата реализација беше пресудна на првиот натпревар. Двете екипи играа цврсто во одбраната, со многу контакти, знаевме дека ќе решава една топка, но противникот беше посконцентиран на крајот и заслужено славеше. Одбраната ни беше на високо ниво, очекувам во ист стил да одиграме и на вториот дуел, но и да обрнеме внимание на ситни детали кои би ни помогнале да стигнеме до победата. Серијата е долга, нема простор за паника, треба само да влеземе со ладни глави во денешниот меч, да одиграме максимално и да атакуваме на брејкот што го посакуваме пред двете средби во Битола, изјави Бобан Стајиќ.
Вториот натпревар од серијата меѓу Работнички и Пелистер повторно се игра во салата „Независна Македонија“ во скопската населба Кисела Вода, со почеток во 19 часот.