-ССНМ трета година по ред го одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите со крводарителска акција на неколку локации во земјава, и во Битола.
Солидарноста и здружувањето се основа на борбата за слобода на медиумите и за професионално новинарство како чувар на јавниот интерес е пораката која Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја испрати денеска од крводарителската акција со која го одбележа 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.
Со поддршка и во соработка со Здружението на новинари на Македонија и Црвен Крст на Град Скопје поголем број на новинари и медиумски работници, но и граѓани донираа крв на повеќе локации и тоа во просториите на Дневен центар за дарување крв на Црвен крст на град Скопје, како и во Клиничките центри во Штип и Битола.
ССНМ трета година по ред го одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите со крводарителска акција со што се приклучува на глобалното одбележување организирано од УНЕСКО, како и на Меѓународната федерација на новинари.
УНЕСКО го одбележува овој ден под слоганот „Известувањето во новиот храбар свет – Влијанието на вештачката интелигенција врз слободата на медиумите“ со тоа укажувајќи на низата предизвици со кои се соочуваат медиумите и новинарите како резултат на брзиот технолошки напредок кој има сериозно влијание како врз известувањето, така и врз развојот на демократските процеси.
Како никогаш досега во 21 век новинарството и слободата на говорот се под притисок, не само од разни групи на интерес, влади, политичари, туку и од големите технолошки компании.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека новинарите во Македонија работат во тешки услови, под сериозни притисоци, закани и напади, како и со ниски примања и сериозни предизвици поврзани со социо-економската безбедност и додаде дека со оваа акција сакаме да покажеме дека „новинарите и медиумските работници се еден обичен дел од ова општество, дека се солидарни и дека го чувствуваат гласот на обезмоќените, на граѓаните.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски исто така се осврна на условите во кои работат новинарите и додаде дека новинарството е професија што има една посебна мисија, да го штити јавниот интерес, и да биде совеста и гласот на заедницата. Денеска, со оваа крводарителска акција, испраќаме силна порака – дека сме тука едни за други, рече Чадиковски.






