Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: Успешно полнолетно 18. издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата “Битола 2016“

-Во Битола од 4 до 10 мај се одржуваше осумнаесеттото по ред издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата “Битола 2016“. Фестивалот свечено го отвори претставата “Животот е прекрасен“, која во чест на учесниците и гостите на фестивалот ја изведоа актерите на Македонскиот народен театар, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.Фестивалот траеше седум дена, а љубителите во театарската уметност имаа можност да погледнат тринаесет монодрами кои се натпреваруваа за престижната награда “Гран-при“, како и неколку претстави кои беа изведени вон конкуренција.

Актерката Јоланда Поденојте од Литванија за изведбата на монодрамата “Те чекам, злато“ по текст на Дарио Фо и Франка Раме, а во режија на Алвидас Визгирда беше годинашен лауреат на фестивалот. Наградата од публиката ја доби хрватскиот актер Озрен
Грабариќ за монооперата “Дневникот на лудиот“ по текст на Гогољ, а во режија на битолчанецот Марјан Неќак.
Фестивалот за отворен го прогласија тогашниот директорот на Центарот за култура-Битола Борче Димитровски и членот на меѓународното стручно жири Иван Лео Лемо од Хрватска, кој беше победник на Фестивалот на монодрамата во Битола во 2015 година.

Селекторот на програмата беше еминентниот битолски и македонски актер Петар Мирчевски, а на интернационалниот фестивал учествуваа актери од повеќе земји меѓу кои: Албанија, Србија, Македонија, Литванија, САД, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија.Беа одиграни македонските монодрами “Ќе има (ли) војна?“ на актерката и автор Ивана Атанасова, “Црв“, во режија и изведба на актерот Мите Грозданов, монооперата “Дневникот
на лудиот“, во изведба на хрватскиот актер Озрен Грабариќ, а во режија на Марјан Неќак, монодрамата “Писма од земјата“ во режија и изведба на Никола Тодоровски, како и “Чеканот“ во режија на Трајче Кацаров, а ја изведе актерот Трајче Јованов.Престижната награда ја додели интернационалното жири во состав: Нина Мазур, Иван
Лео Лемо, Братислав Димитров, Билјана Крајчевска и претседателот Петар Темелковски.

Со претставата “Случајот на “Браќа Манаки“ Хармс“ од Театар Комедија Скопје беше спуштена завесата на годинашното 18. по ред издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола.

More from БитолаMore posts in Битола »