Доајенката на македонското глумиште Соња Михајлова од Народен театар – Битола е добитник на Наградата за животно дело на овогодинешното јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Одлуката ја донесе денеска Собранието на фестивалот, а беше најавена и програмата за оваа година.
Оваа награда доаѓа на предлог на НУ Народен Театар Битола, а актерката Соња Михајлова, доајенка на македонската театарска сцена и долгогодишен член на Народниот театар во Битола. Ова признание претставува круна на нејзината плодна и инспиративна кариера, која трае повеќе од четири децении.
Родена на 14 октомври 1958 година во Битола, Соња Михајлова дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1983 година, во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Истата година се вработила во Народниот театар – Битола, каде останала до нејзиното пензионирање во 2022 година. Иако во пензија, Михајлова изјави дека останува посветена на театарот, велејќи: „Глумата и театарот се засекогаш со мене и во мене“ .
Соња Михајлова е добитничка на бројни награди и признанија.
Михајлова има богата кариера со улоги во театарски, филмски и телевизиски проекти.
Со околу 150 одиграни ролји, Соња Михајлова не мирува. Иако пензионер таа настапува во НУ Народен театар Битола со концептуалната монодрама “Куфер.МК“ во која ја сумира нејзината животна и творечка приказна. Со својата оригиналност, неуморност и посветеност, Соња Михајлова остави длабок печат во македонската театарска уметност и останува инспирација за идните генерации актери.
Фестивалот ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.











