Успешна одбрана на докторски труд од областа за надареност и талентираност беше реализирана на Педагошкиот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски“ во Битола. На тој начин битолчанецот м-р Драган Ристевски постана првиот доктор на науки од областа на надареноста и талентираноста во нашиот град.
-Вистински предизвик беше да се истражи, да се подготви и конечно да се одбрани трудот создаван во изминатите 5 години. Уште поголем беше предизвикот да се брани трудот пред висококомпетентна комисија составена од два академици проректор, декан и продекан – изјави д-р Драган Ристевски, познат битолски алпинист, новинар, библиотекар и во последно време галерист и додаде:
-Овој мој научен потфат можеби не беше “највисок“ врв, но сепак на свој начин беше најтежок и најсложен. Темата на докторската дисертација под наслов “Развој на потенцијалот на надареноста низ призмата на интерфакторските влијанија“ предизвика голем интерес и кај присутниот аудиториум, по што д-р Ристевски мошне уверливо и компетентно одговари на поставените прашања.
-Битола и Педагошкиот факултет кој годинава одбележува 30 години постоење, предничат во образованието на кадри од трет циклус студии по надареност и талентираност, на начин што до сега се промовирани дваесетина магистри, а еве сега Битола го добива и првиот доктор од оваа област, рече претседателот на комисијата проф. д-р Јове Димитрија Талевски, проректор на УКЛО.
Инаку, оваа катедра, според зборовите на академик, Грозданка Гојков, од Вршац е единствена од ваков вид во нашето опкружување и пошироко во Европа.
Своето задоволство од успешната одбрана на докторската дисертација го нагласи и менторот академик Љупчо Кеверески, кој истакна дека Битола е центар за образување кадри за надареност и талентираност, а тука веќе 20 години функционира МАНТ, Македонската асоцијација за надарени и талентирани, чиј преседател е д-р Драган Ристевски, а значајно е тоа што имаме изработено елаборат за формирање на Институтот за надареност и талентираност кој би фунционирал во рамките на УКЛО.
Текст и фото: Сашо Ристевски






