Press "Enter" to skip to content

Ветеринарниот факултет – Битола ја зацврстува регионалната соработка со трето издание на меѓународен семинар

Со учество на еминентни професори, практичари и институционални претставници од повеќе европски земји,  успешно се одржа третото издание на меѓународниот семинар од областа на ветеринарната медицина, во организација на Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Ветеринарната комора на Македонија.

Семинарот, кој годинава повторно се реализираше под покровителство на УКЛО, беше платформа за размена на знаење и искуства помеѓу експерти од Македонија, Словенија, Србија и други земји. Во фокусот беа теми поврзани со безбедноста на храната, здравјето на животните и модерните дијагностички практики, претставени низ тематски сесии, панели и отворени дискусии.

Деканот на Ветеринарниот факултет – Битола, проф. д-р Никола Караболовски, го истакна значењето на семинарот како доказ за професионалниот интегритет и интернационалниот дух на ветеринарната наука:-Во мое име и во име на вработените од Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, членка на европската универзитетска алијанса КОЛОРС, ни претставува особена чест што сме домаќини и коорганизатори на овој значаен семинар, заедно со нашите партнери од македонската Ветеринарна комора. Како дел од алијансата КОЛОРС, посветени сме на интернационализација на знаењето, трансдисциплинарна соработка и градење заеднички европски образовен и истражувачки простор. Токму овие вредности се вградени во духот на овој семинар – простор каде што се среќаваат различни академски перспективи, се негуваат иновациите и се промовираат одржливи решенија во ветеринарната наука и практика. Нашето заедничко делување е доказ дека преку здружени сили можеме да изградиме силна платформа за знаење, дијалог и напредок. Овој семинар е многу повеќе од академски собир. Тој претставува мост меѓу теоријата и практиката, меѓу генерации, и меѓу експерти од различни земји – што сведочи за неговиот интернационален карактер и значење. Посебна благодарност упатувам до нашите предавачи и учесници од земјата и од странство. Вашето присуство не само што го потврдува интернационалниот карактер на овој семинар, туку и сведочи дека ветеринарната медицина нема граници – напротив, таа има сила да обединува, да ги надминува разликите и да нè поврзува во заедничката мисија за напредок и хуманост.Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, во своето обраќање порача дека поддршката на вакви настани претставува суштински дел од стратегијата за интернационализација и академски развој на универзитетот.

Во семинарот активно учествуваа и претставници од националните институции, меѓу кои д-р Верче Мицевска, национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, која ја потенцираше потребата од стратешка и континуирана соработка помеѓу институциите и струката.Од страна на Ветеринарната комора, коорганизатор на настанот, д-р Жарко Михајлоски укажа дека професијата се соочува со нови предизвици и дека решенијата се гради токму преку научна основа и професионален дијалог.

Семинарот што се одржа на 10 мај 2025 година, беше збогатен и со културна програма во изведба на ученици од музичкото училиште, а неговото трето последователно одржување ја зацврсти улогата на Ветеринарниот факултет – Битола како важен регионален центар за образование, наука и стручна размена во областа на ветеринарната медицина.

More from ВестиMore posts in Вести »