-Деновиве членови на организацијата Verbumlandiart Aps, со седиште во Галатоне (Лече), предводена и координирана од поетесата и писателка Регина Реста – претседателка на истоименото здружение, беа во посета на Битола и Македонија.
Дел од делегацијата беа и: Goffredo Palmerini – новинар, поранешен претседател на Општина Акуила, Maria Pia Turiello – криминолог и член на парламентарната комисија за малолетници, Mirella Cristina – адвокат, публицист, член на комисијата за правда на Парламентот и сенатор, Mirjana Dobrilla – преведувач и културен посредник на VerbumlandiArt.На 11 мај, членовите на здружението беа почесни гости на литературниот настан ВОЗНЕС 2025, кој се одржа во Битола, во организација на Фондацијата „Такец“ под раководство на Гордана Такец. Посетата беше резултат на заедничката соработка помеѓу Verbumlandiart Aps (Италија), Здружението „ЛАТЕРАЛ“ Битола и Фондацијата „Такец“.
Оваа соработка е продолжение на претходно потпишаниот меморандум за соработка, склучен во 2023 година, за време на 10. издание на настанот „Град Галијатео – Антонио де Ферарис“ што се одржа во Рим, во организација на VerbumlandiArt. Членовите на Verbumlandiart Aps беа наградени со високи признанија за нивниот придонес во литературата, уметноста, културата и книжевноста. На Регина Реста ѝ беше врачена специјална награда – пехар и диплома, а останатите членови добија соодветни признанија.
Следниот ден, на 12 мај, делегацијата беше примена од градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски. Претседателката Регина Реста, носителка на Златен медал за култура на Италија, му оддаде признание за неговата отвореност и поддршка за меѓународна културна соработка.
Таа истакна дека Битола е град со најмногу наградени автори од страна на нивното здружение – Игор Фоја, Гордана Такец и Даниела Андоновска-Трајковска – што ја прави единствен град на Балканот со ваков број на добитници на престижни награди од Verbumlandiart.
Во рамки на оваа посета, градоначалникот Тони Коњановски беше одликуван со специјална статуетка, рачно изработена од пепел на маслинови дрва од регион во Италија погоден од катастрофални пожари – симболичен подарок со длабоко значење. Делегацијата, составена од истакнати уметници и јавни личности од различни градови во Италија, оствари контакти за идни заеднички активности и проекти. Градоначалникот уживаше во италијанскиот јазик што се зборуваше во неговата канцеларија, а гостите од Италија ја нагласија неговата гостопримливост како извонредна.
Понатаму, следеше посета на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, каде беше потпишан меморандум за соработка, што отвора нови можности за културни проекти и меѓународна размена. Гостите беа пречекани од директорката Емилија Стефановска-Давкова, која им ја претстави работата и капацитетите на оваа реномирана институција.
Во знак на благодарност за гостопримството и поддршката на културата, директорката Стефановска Давкова беше одликувана со почесна диплома од страна на Verbumlandiart Aps, признание кое ја потврдува нејзината посветеност во промовирањето на меѓународната соработка.
Здружението од Италија ја посети и печатницата Графо Пром, каде беа пријатно изненадени од професионализмот, технологијата и квалитетот на изведба. Пречекани од сопственикот Владимир Христовски, се запознаа со сите процеси на печатење и се заинтересираа за можноста дел од нивните книги да се издаваат токму во Битола, Македонија.
Како знак на благодарност и почит, Владимир Христовски беше одликуван со диплома од здружението Verbumlandiart.
Здружението ЛАТЕРАЛ, предводено од Игор Трајковски Фоја, и Фондацијата Такец, предводена од Гордана Такец, кои соработуваат со Verbumlandiart Aps уште од 2019 година, изразија големо задоволство од резултатите и постојаниот раст на оваа соработка. Во таа насока, Игор Трајковски Фоја додаде:
-Само да се биде гостин во Италија на нивните настани и да се биде награден е огромна чест, но да се биде домаќин на вака еминентни уметници и дејци од културно-уметничкиот и општествениот живот во Италија е уште поголема чест и потврда дека се движиме по вистинскиот пат.
Сашо Ристевски