Група ученици од II и III година од Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола односно кои го изучуваат францускиот јазик, учествуваа во традиционалната ученичка размена со училиштето “Тома Песке” од Кутанс, Нормандија (Франција). Оваа успешна соработка датира од 2010 година, а оваа година се реализира и мал јубилеј односно 10-та по ред ученичка размена.
Традиционално, според однапред планирана програма, учениците од двете училишта, во текот на учебната година, работат на заеднички едукативен проект на француски јазик .Оваа година тоа беше снимањето на филм што претставува сублимат на нивната истражувачка работа. Размената, сама по себе е одлична можност учениците да се запознаат со културата, историјата и традицијата на регионот Нормандија, Франција, да се дружат со нивни врсници и да го подобрат нивото на француски јазик.
Учениците, исто така, имаа ретка можност да го посетат Монт Ст. Мишел – едно од седумте светски чуда на новиот свет и една од најголемите туристички атракции во Европа. Го посетија пристанишниот град Шербур (Cherbourg), најсеверната точка на Нормандија. Ги посетија неговите знаменитости, музејот на Титаник, Аквариумот и комплексот Le Cité de la Mer. Историските споменици и музеи од Втората светска војна, беа исто така дел од оваа атрактивна програма.
На градот на светлината, Париз, му беа посветени неколку прекрасни денови кои поминаа во разглед на центарот на градот и неговите најзначајни знаменитости и музеи. Општината Кутанс им приреди прием на битолските гимназијалци и нивните професори и во таа прилика, пред бројната публика составена од претставници на повеќе француски здруженија, институции, медиуми, ученици и професори беше прикажан документарниот филм подготвен од учениците.
На професоритеим беа доделени признанија за особен придонес во соработката со Нормандија и успешните педагошки проекти од областа на историјата и францускиот јазик.
Оваа ученичка размена е пример за еден успешен, одржлив проект зад којшто стои ентузијазмот на оние кои го започнаа, професорите Иљо Трајковски и Емануел Леплуме, добрата волја и динамизмот на сите наставници, раководни кадри кои го продолжија благодарност до сите кои ја поддржаа и придонесоа и придонесуваат за нејзина беспрекорна организација и реализација!
Но,бидејќи цело е кога има сè, ,зад оваа соработка стојат и: Општина Битола
Општина Новаци, Општина Кутанс, Нормандија, училиштето “Тома Песке” од Кутснс, Нормандија, француски институт во Скопје, Француска Aлијанса во Битола, почесен конзул на Р. Франција – Калиопа Кривашија Стилиновиќ, директорката на Гимназијата – Лидија Споа и секако родителите на учениците кои учествуваат во размената.
А подготовките за 11. издание и продолжение на оваа успешна приказна веќе започнаа!






